„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Министерот Спасовски присуствуваше на Отворениот ден на полицијата со граѓаните во Струмица
Денеска во Струмица, Струга, Велес, Крива Паланка и Крушево започнаа свечените активности по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција. Под мотото „МВР за граѓаните“, согласно веќе етаблираниот концепт ,,Полицијата во служба на граѓаните”, се одржаа свечености на кои присуствуваше раководството на МВР на различни локации во државата, но со заедничка цел – полицијата да биде заедно со граѓаните, да се демонстрира партнерството коешто беше започнато во 2017 година и кое во континуитет се унапредува.
Министерот Оливер Спасовски беше почесен гостин на дружењето на граѓаните и полицијата во Струмица, каде заедно со градоначалникот Костадин Костадинов ја разгледаа изложената опрема и средства на полицијата.
„Ќе се согласите со мене дека е невозможно да дискутираме за партнерство меѓу граѓаните и полицијата, без тоа партнерство да го промовираме на терен. Целта е нашите граѓани одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема, со сето она што значи индикатор на успех на нашиот план за континуирано материјално-техничко опремување и унапредување на капацитетите на полицијата”, изјави министерот Спасовски пред присутните граѓани и медиумите во Струмица, давајќи осврт на сработеното во изминатиот период во насока на остварување на приоритетот – задоволна полиција за безбедни граѓани.
Министерот Спасовски информираше и за активностите кои Министерството ги има проектирано за периодот што следи, како што е дополнителното покачување на платата за 5% за сите вработени во МВР започнувајќи од месец септември годинава, како и продолжување на активностите за создавањето подобри услови за работа преку реновирање на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, а преку капитални инвестиции во текот на 2022 во тек е реконструкција на два витални објекта – Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.
На сите пет локации низ државата присутните имаа можност да се запознаат одблиску со високите стандарди на опремата со која располага Министерството, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптерите на полицијата. Припадниците на Единицата за брзо распоредување ја искористија можноста пред граѓаните да прикажат боречки вештини и техники за самоодбрана, а припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар”, поточно од специјализираниот алпинистички тим, пред присутните покажаа вештини за алпинистичко спуштање.
,,Ваквото малку поразлично чествување на Денот на македонската полиција претставува и одлична можност за едно порелаксирано дружење на нашите граѓани со припадниците од сите организациони единици на полицијата, кое покрај забавниот има и едукативен карактер во врска со полициската професија, а во интерес на сите генерации. Ова раководство на МВР секогаш ќе биде во служба на граѓаните, демонстрирајќи дека севкупната безбедност претставува врвен приоритет”, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски во свое и во име на раководството на МВР во оваа пригода ги покани граѓаните да бидат дел и од централната манифестација на 7 мај на Градскиот плоштад во Делчево, со почеток од 12.30 часот, која ќе може да се проследи и во живо на програмата на МРТВ.