fbpx

НА ИНИЦИЈАТИВА НА СЕМЕЈСТВОТО КОСТАДИНОВИ ДОНИРАНА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА

 НА ИНИЦИЈАТИВА НА СЕМЕЈСТВОТО КОСТАДИНОВИ ДОНИРАНА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА

Денес во ЈЗУ Општа Болница Струмица пристигна донација во форма на медицинска опрема, сочинета од три ЕКГ апарати (еден од модел Cardioline 200S и два од модел Cardioline 100S), пет мулти-параметарски ЕКГ монитори(модел Bistos BT-750) и соодветни додатоци – специјална хартија за обезбедените ЕКГ апарати, со која Одделението за Кардиологија ја доби дополнителна опрема за дејствување во насока на навремена дијагностика и превенирање на потенцијални коронарни, кардио-васкуларни и срцеви заболувања, соопштија денеска од болницата.

По претходна иницијатива на наши сограѓани и размена на информации, разговарано е за можноста за поддршка во доопремување на одделот за кардиологија со ангиографија во Општа болница во Струмица, Поконкретно, во насока на подобрување на капацитетите во Одделението за кардиологија, со што ќе се овозможи подобра здравствена заштита на пациентите со срцеви проблеми и полесно функционирање на единицата за ангиографија која започна со работа пред 1 година. Би сакала јавно да ја искажам благодарноста до семејството Костадинови кои ни ја дадоа поддршката и преку донаторска акција ја обезбедија потребната опрема се со цел за унапредување на јавното здравје и во интерес на нашите пациенти од Струмица и околината. Ги охрабрувам и сите останати хумани чинители кои имаат можност, во било каква форма, да го следат овој пример и вака, да дадат придонес и поддршка на активности и проекти од интерес на заедницата во различни сфери, изјави д-р Катерина Кузмановска, Директор на ЈЗУ Општа болница Струмица.

Иницирани од увидената реална потреба за поддршка на капацитетите за опслужување на здравствените потреби во струмичката болница, како семејство организиравме донаторска акција во рамки на која успеавме да ја обезбедиме донираната опрема за Општата болница во Струмица. Искрено се надевам дека овој гест ќе биде показател и од вистински бенефит за Одделението за кардиологија и за сите кои имаат потреба. Ја користам оваа прилика јавно да заблагодарам на сите добри луѓе и пријатели кои се вклучија во донаторската акција и дадоа свој придонес кон поддршка на локалниот систем за здравствена заштита и превенција од кардиоваскуларни заболувања, изјави Тања Костадинова Милушева.

Донираната опрема во рамки на Одделението за Кардиологија при ЈЗУ Општа болница Струмица ќе биде ставена во употреба веднаш.

Share via
Copy link