Радовишанец со „пасат“ удрил во малолетен пешак по што побегнал
Отворено 29 издание на ФКТ „Ристо Шишков“
Вечерва во Струмица почна 29 издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Први пред публиката се претставија актерите од Народниот театар од Битола со о претставата „History of motherfuckers“ по мотиви на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, авторски проект на Андраш Урбан. По нив се претставија и актерите од штипскиот театар со „Крилја“ од Артур Копит, во режија на Никола Ристов.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски го прогласи фестивалот за отворен.
-Повторно е 8. Септември и повторно е ден за гордо кренати чела. Денес татковината ни слави триесетгодишнина од своето осамостојување, а Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ го доживува своето 29-то издание, како единствен театарски фестивал посветен на актерот. И едното и другото ги славиме сите ние, бидејќи двете нешта живеат во нас, во нераскинлива врска. Е па нека ни се честити трите децении на македонската независност и нека ни е вековита Република Северна Македонија. Во исто време нека ни е со среќа струмичкото театарско битисување на фестивалот кој го носи името на бардот на македонското глумиште – Ристо Шишков, во кој актерите од разни земји ќе ја стават на пиедестал својата сценска игра, рече Јаневски.
Од вечерва до 13 овој месец ќе се одиграат десет претстави од театри од Бугарија, Хрватска, Србија и Северна Македонија.
Актерите со својата актерска игра ќе се натпреваруваат за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.
Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со присуство на публика со почитување на ковид протоколите и со исполнетост до 30 отсто од капацитетот.