fbpx

Петнаесеттиот онлајн „Астерфест“ заврши со прогласување на наградените

 Петнаесеттиот онлајн „Астерфест“ заврши со прогласување на наградените

Јубилејното петнаесетто издание на струмичкиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“, што се одржа онлајн од 28 до 31 август под мотото „Движења, патеки“, симболично заврши со прикажувањето на документарниот филм „Циркуски движења“ на Лукас Бергер и Марио Гаџо де Карваљо.

Стручното меѓународно жири на овогодишниот „Астерфест“, во кое заседаваа Маријан Цуцуи (Букурешт), Елени Чандрину (Брисел) и Горан Радовановиќ (Белград), синоќа ја донесе својата едногласна одлука.

„Златна потковица“ за најдобар краток игран филм доби „Мари“ на Панајотис Краварис. Според жирито тој филм маѓепсува со приказната за предрасудите и љубовта на прв поглед, едноставна и веродостојна, но која што содржи извесен шарм и прилично изненадувачки крај.

„Сребрена потковица“ за најдобар краток анимиран филм доби „Потеклото на човекот“ на Пјотр Сапегин. Според жирито ова е прекрасно направен филм за меморијата и идентитетот преку навидум едноставна, но сепак длабока приказна.

„Бронзена потковица“ за најдобар краток документарен филм доби „Зомбија“ на Балоџи Чијани. Според жирито уметникот во тој филм ни нуди критички поглед, не само на нашите односи со технологијата туку и на политиката на целиот континент.

Специјалната награда „Ацо Алексов“ му припадна на „Телефонско дежурство“ на Ленар Камалов за прикажување на изненадувачки емотивната слика за модерната војна, а специјалната награда „Ѓорги Абаџиев“ му припадна на „Еден од другите“ на Петра Злонога за нејзиниот имагинативен експериментален анимиран филм.

Фестивалот „Астерфест“ кој од основањето до денес е посветен на кусометражната филмска форма, оваа година поради пандемијата првпат целосно се одржа онлајн.

Share via
Copy link