fbpx

Почна ФКТ „Ристо Шишков“

 Почна ФКТ „Ристо Шишков“

Со излегувањето на отворената сцена во Градскиот парк на актерите Танкица Стојанова, Ѓорги Трајков и Никола Костадинов со претставата „Умри машки“ од Алдо Николај во режија на Кире Ѓоргиев, а во продукција на струмичкиот театар „Антон Панов“, вечерва почна дваесет и осмото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица,Коста Јаневски.

-Актерот над актерите, големиот Ристо Шишков, повторно не собра на едно исто место, и покрај негововото долгогодишно физичко отсуство. Но неговата духовна присутност останува во спомените за него и за неговата раскошна актерска оставнина, но и во постоењето на фестивалот кој гордо го носи неговото име.Во негова чест  но и во чест на сегашните актери, вечерва му се радуваме на стартот на 28-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. За жал, годинава, поради пандемијата од Ковид – 19, претставите од фестивалската програма, наместо на сцените во струмичкиот храм на културата, ќе се одвиваат овде, во Градскиот парк, а од истата причина, за единствената награда за високо актерско достигнување „Ристо Шишков“ ќе се натпреваруваат исклучиво домашни актери, што значи дека овојпат фестивалот ќе остане без предзнакот „меѓународен“, рече градоначалникот Јаневски.

Со видео порака почетокот на фестивалот го поздрави и ланскиот лауерат, хрватскиот актер, Драшко Зидар, кој годинава е претседател на фестивалската жири комисија.

-Очекувам фестивалот да биде успешен, а публиката ќе ужива во одлични претстави. Се надевам дека жирито нема да има лесна работа, рече Зидар.

Во конкуренција за единствената награда ФКТ „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување се актери од осум претстави од земјава. Таа се состои од парична награда во износ од 1.500 евра, ланче и златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот, Ристо Шишков.

Share via
Copy link