„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Потрошувачите од Струмица можат да се жалат само на народниот правобранител и инспекциите
Според информациите од Советодавното место за заштита на потрошувачите на Струмица во 2018 година и неколку месеци од лани потрошувачите од Струмичкиот регион најмногу се жалеле на услугите од банките и аптеките, а голем дел имаат и забелешки на несоодветните производи кои ги купуваат.
– Од поднесените жалби потрошувачите најчесто се жалеа на купените производи од бела техника, потоа од производите од фармацевтската и земјоделската индустрија. Во оваа област забелешките на граѓаните се однесуваа на тоа што еден ист производ се продаваше по различни цени и заради тоа беа принудени да одат од еден до друг продажен објект за да бараат поевтин производ, вели Георге Манушев, поранешно лице за контакт во Советодавното место за заштита на потрошувачите во Струмица, кое не постои веќе една година.
Тој со жалење информираше дека по десет години оваа тело повеќе не постои, бидејќи, како што рече, завршил проектот од кој се финансирал и сега граѓаните од Струмичко нема кому да се пожалат, освен во Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Струмица и инспекциите доколку се нарушени нивните права како потрошувачи.
-Оваа тело и канцеларија функционираше во рамки на општина Струмица, како проект од Организацијата на потрошувачи на Македонија. Веќе една година како е извадена таблата. Граѓани се уште доаѓаат кај нас, но, за жал, не можеме да им помогнеме. Според мене треба да се формира едно такво тело при Советот на општината или комисија за заштита на потрошувачите, додава Манушев.
Од преклани и неколкуте месеци од лани посочи дека во Струмичко имало повеќе поплаки и за земјоделските аптеки на што реагирале земјоделците и при тоа потрошувачите се упатувале да ги пријавуваат неправилностите кај Инспекторатот за земјоделство и оттаму да се преземат соодветни мерки.
-Генерално од областа на услугите потрошувачите не се задоволни од банките. Реакциите и забелешките се однесуваат на недоволната информираност на граѓаните при подигнување кредит, но и на несоодветните такси и надоместоци кои ги наплаќаат банките, додава Манушев.
Од стотината жалби колку што биле поднесени дел се однесувале на аптеките, на банките, а најмногу жалби, граѓаните поднеле за тогашните извршни решенија од извршителите.
Во изминативе две години во Канцеларијата на народниот правобранител во Струмица во областа на заштитата на правата на потрошувачите биле поднесени вкупно 20 претставки, од кои 6 во 2018 година и 14 во 2019 година.
-Наплата на заостанати долгови за струја и исклучување од мрежата како и долгови за потрошена вода и ѓубре. Неизбришани застарени долгови за комуналии за сметки за струја и вода постари неколку години, стои во извештаите за работа на Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Струмица за двете години.
Може да се забележи дека претставките се исти, а единствено нивниот број се зголемил лани.
На ваквите проблеми успешно реагирал заменик народниот правобранител, Славчо Тимов, кој преку локалните медиуми извршил влијание кај компаниите кои им наплаќале на граѓаните тоа да не го прават, односно доколку има такви појави неплатените сметки од граѓаните да се наплаќаат според законот.
Во услови кога повеќе не постои Советодавното место за заштита на потрошувачите во Струмица и релативно малиот број на претставки поднесени до Канцеларијата на Народниот правобранител во Струмица, граѓаните не се многу информирани каде можат да се пожалат доколку се нарушени нивните права како потрошувачи.
Од анкетата со граѓани многу малку одговорија дека воопшто знаат каде можат да пријават неправилности или доколку се нарушени нивните права како потрошувачи.
-Сме слушнале за Комисија за заштита за заштита на потрошувачи и секако на инспекциите. Но, не знаеме ниту како да пријавиме, ниту дали има таква канцеларија на Организација на потрошувачите во Струмица, беа најчестите одговори на граѓаните кои ги анкетиравме.
Дел од нив, пак, додаваат дека иако на секој продажен објект има поставени информации за броевите на инспекциските служби, многу ретко се случило да ги искористат. Велат дека штом ќе спомнеле дека ќе се јават на инспекциите веднаш им бил заменуван неисправниот или расипаниот производ.
Од продажните места не беа многу заинтересирани да одговарат на нашите прашања на што најмногу се жалат потрошувачите. Само кусо одговараа дека ретко имале случаи некој потрошувач да им се пожали и тогаш тоа не било по нивна вина, туку на производителите кои им испорачале неисправен производ. Велат дека повеќе нема мамење со цените или наплаќање на повисоки сметки, бидејќи години наназад со користењето на фискалните апарати тоа е невозможно.
Текстот е подготвен во рамки на Мониторинг извештајот изработен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Мониторинг извештајот е достапен на интернет страницата на ИСИЕ.