Пред монументалниот споменик на Делчев одбележани 154 години од неговото раѓање
Пред монументалниот споменик на Делчев одбележани 154 години од неговото раѓање

Со пригодна свеченост денеска пред монументалниот споменик на Гоце Делчев на истоимениот плоштад беа одбележани 154 години од неговото раѓање.
За животот и делото на апостолот на макеоднското револуционерно движење говореше градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.

–Гоце Делчев беше визионер, мислител и човек со длабока вера во иднината на својот народ. Во време на темнина и неправда, тој гледаше светлина. Во време на страв, тој внесуваше храброст, а во време на поделби, тој повикуваше на единство. Неговата позната мисла „Го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“ и денес потсетува дека вистинската сила на еден народ е во знаењето, во достоинството и во меѓусебната почит. Гоце, веруваше во слободна Македонија и во човечноста како највисока вредност. Струмица како град на историја, традиција и слободен дух, со особена чест се поклонува пред неговото дело. Нашата Струмица била сведок на чекорите на револуционерите, на нивната жртва и на нивната непоколеблива верба во подобро утре. Затоа, споменот на Гоце Делчев е жив дел од нашиот идентитет. Нашата обврска денес не е само да се сеќаваме, туку да продолжиме по патот којшто тој го трасираше, да градиме општество на еднаквост, на можности, на напредок и на соживот. Да им оставиме на младите генерации држава во која ќе можат да сонуваат, да создаваат и да живеат достоинствено. Нека ни бидат пример неговата решителност, неговата жртва и безгранична љубов кон Македонија. Денес гордо му оддаваме чест на Гоце Делчев. Вечна слава на великанот, рече градоначалникот Јанков.


Ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од село Вељуса изведоа пригоден рецитал посветен на Делчев, а претставници на Општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред споменикот.