Предадена во употреба реконструираната спортска сала „25 Мај“ во Радовиш
Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот Ацо Ристов денеска ја пуштија во употреба реконструираната спортска сала „25 Мај“ во Радовиш.
Премиерот Мицкоски истакна дека реконструкцијата е завршена во рекордно кратко време и тој очекува од овој спортски објект да произлезат многу репрезентативци во различни спортови.
-Ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите проекти. Спортот ни е во фокусот. Како што кажа и министерот, без инфраструктура не можеме да бараме и резултати. Значи многу е важно да ја имаме онаа базична, основна инфраструктура, согласно приоритетите на Владата и потоа и да очекуваме и да бараме резултати од оние коишто ќе ја користат оваа инфраструктура, рече Мицкоски.
Тој најaви дека наскоро ќе биде објавен новиот повик со кој општините ќе можат да аплицираат за нови инфраструктурни објекти.
-Некаде од прилика средината на јануари, крајот на јануари, втората половина на јануари којшто ќе трае три месеци и ќе можат општините, нормално повторно со проекти да конкурираат, а ние како Влада да ги финансираме во делот на инфраструктурата. Така што очекувам нови булевари, нови улици, нови канализации, нови водоводи, нови градинки, нови училишта, реконструкција на истите, нови спортски објекти и така натаму, и така натаму. Сакам да кажам дека остануваме посветени на она коешто го ветувавме на граѓаните, додаде претседателот на Владата.
Министерот за спорт, Борко Ристовски подвлече дека во реконструкцијката за спортската сала во Радовиш се инвестирани 20 милиони денари, а зафатот е завршен за неполни два месеци, иако било планирано шест.
-Со тоа го враќаме спортскиот сјај на Радовиш, а тоа значи враќање на дечињата во сала и генерално во спортот. Очекувам во блиска иднина да организраме спортски настан со кој ќе го заживееме градот и тоа не само на спортски план, туку што повеќе луѓе да бидат вклучени во него, изјави Ристовски.
Додаде дека во 2025 година ќе се инвестира во спортската инфраструктура, бидејќи без тоа не може да се бараат резултати, ниту напредок во спортот.
-Минатате недела откочивме еден проблем кој беше со изградбата на базените, кои беа почнати пред 4 години и најпрвин тие пет базени ќе ги завршиме до летото, а потоа останатите десетина ќе почнаме да преговараме со економските оператори за да ги завршиме и тие, посочи Ристовски.
Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, изрази голема благодарност до Министерството за спорт и до Владата за реконструкцијата на спортската сала и истакна дека ова за Радовиш ќе значи многу, бидејќи тука се случуваат сите спортски настани и тренинзи и тоа е просторот којшто недостасувал за да може да се обезбедат услови за сите спортови.