СДСМ Струмица бара итно постапување и целосна исплата на паушалите за лицата кои учествуваа во спроведувањето на локалните избори

-ОО СДСМ Струмица остро реагира на крајно неодговорниот и дрзок однос на Општина Струмица, која повеќе од 7 месеци ги игнорира лицата кои учествуваа во изборниот процес на гласачките места.Станува збор за граѓани кои чесно и одговорно ја извршија својата должност во демократскиот процес, а за тоа до ден-денес не им се исплатени законски предвидените паушали, се наведува во соопштението.
Се додава дека дополнително загрижува фактот што и покрај дописот од ЗЕЛС, со кој јасно се укажува на потребата од итна исплата на овие средства, Општина Струмица продолжува да молчи и да го игнорира овој проблем.
-Недозволиво е Општина Струмица да не ги исполнува своите обврски, дури и кога постои јасна насока од релевантни институции. Ваквиот однос претставува понижување и потценување на секој поединец кој бил дел од гласачките одбори. ОО СДСМ Струмица бара итно постапување и целосна исплата на сите заостанати паушали, без понатамошно одолговлекување, стои во соопштението.
Додаваат дека на крај се поставува едноставно прашање:Дали ваквиот однос е доказ за грижата на Општина Струмица кон своите граѓани!?
Фото: ОО СДСМ Струмица