Костадинов: фали намалување од 0.001 грам манган на литар вода за да добиеме пак питка вода
Во Богданци промовирана новата инвестиција ветерен парк со вредност од над 40 милиони евра
Во општина Богданци денеска беше промовирана новата инвестиција ветерен парк, со вредност од над 40 милиони евра. Најнапред во Дом на Култура „Бранд Петрушев“ беше оддржана кратка презентација од страна на инвеститорите, Блаж Штерк – директор на „Интеренерго“ и Матеј Рунјак – извршен директор на „Тригал“. На настанот беа присутни пратеничките Драгица Ѓавочанова и Марија Костадинова како и претсавници од политичките партии кои учествуваат во работата на Советот на општината.
На промоцијата која се оддржа во Градскиот Парк во Богданци, свое обраќање имаше претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, Градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов и директорот на компанијата „Интеренерго“ д.о.о, Љубљана, Блаж Штерк.
Во рамки на втората фаза од овој проект предвидено е поставување 6 турбини во ветерниот парк Богданци со инсталирана моќност од 13,8 MW. На овој начин ќе се искористи ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани, со цел постигнување дополнително годишно производство од 37 GWh природно одржлива енергија.
Градоначалникот, Блаже Шапов, на своето обраќање го искажа своето задоволство што општина Богданци повторно ќе се истакне во развојот на обновливите извори на енергија, односно во развојот на нов ветерен парк од причини што расположливата ветерна енергија на повеќе локации, физичката големина на тие локации, пристапноста до нив како и постојната потребна инфраструктура преставуваат основни компаративни предности на општината во привлекување на инвестиции од овој тип. За исполнување на основните критериуми за изградба на ветерни паркови во овој крај сведочи и постојниот парк на ветерни електрани „Богданци“ со инсталирана снага од 36,8 MW (мегавати) со 16 ветерници, секоја со единечна снага од 2,3 MW (мегавати), трафостаница 20/110 кВ (киловолти), Далековод од 110 кВ (киловолти) и пристапни патишта, инвестиција која чинеше 55 милиони евра.
Новата инвестиција во ветерниот парк ПВЕ ЕУРОИНГ, кој ќе се изгради на просторот помеѓу село Стојаково и село Селемли, на површина од 50 Ха земјиште, и кој се состои од 6 ветерни столба со единечна снага од 3,3 MW (мегавати), трафостаница со 33/110 кВ (киловолти), приклучен далековод 2 x 110 кВ (киловолти) и пристапни патишта, го привлече вниманието на странските инвеститори, кои после деталните анализи од страна на ИнтерЕнерго, Тригал и Кл-Келаг, како домашен производ преминува во нова странска инвестиција во Република Северна Македонија.
Ние како општина Богданци, секако дека се радуваме на новите инвестиции во нашата општина, бидејќи тие водат кон нов просперитет на општината, и нови можности како за развој на ветерната енергија, но исто така и развој на енергијата од сонцето, односно градба на фотонапонски електрани, бидејќи нашата општина има поволности за развој и на тој вид на енергија.