fbpx

Во Струмица одбележани 152 години од раѓањето на Гоце Делчев

Денеска пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад во нашиот град, во организација на Општина Струмица, се одржа чествување по повод 152-годишнината од денот на раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

Пригоден говор за животот и делото на Делчев одржа градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов. Тој меѓу другото истакна:

-Да се родиш, а никогаш да не умреш. Тоа може да им појде од рака само на големите луѓе, на оние кои во текот на својот живот успеале да остават неизбришливи траги со своето делување, траги врз кои почива нивното безвременско дело кои ги прави бесмртни ликови. Ретки се таквите луѓе кои ги има и кога ги нема. Ретки се оние кои и по нивната смрт продолжуваат да живеат во колективното паметење на генерациите по нив, а ќе живеат и понатаму за вечни времиња. Таков бесмртен лик на тлото по кое чекориме е најголемиот македонски син, стожерот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, кој се родил на денешен ден – 4 февруари, во далечната 1872 година, рече Костадинов.

По пригодниот говор, градоначалникот и претставници на Советот на Општина Струмица, како и претставници од политички партии и институции положија свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, а ученици од ОУ „Гоце Делчев“ од Вељуса одржаа рецитал во чест на апостолот на македонското револуционерно движење.

Share via
Copy link