fbpx

Во Струмица вечерва се вееја знамињата во чест на македонско-италијанското пријателство

 Во Струмица вечерва се вееја знамињата во чест на македонско-италијанското пријателство

Вечерва во Струмица, на платото пред Центарот за култура беше одбележан Денот на пријателството меѓу Северна Македонија и Италија. Во присуство на граѓани, претставници на дипломатскиот кор во земјава и членови на Советот на општината говореа градоначалникот Костадин Костадинов и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.

Во своето обраќање градоначалникот Костадинов го потенцираше развојот на пријателството меѓу земји кое се повеќе се интензивира и продлабочува.

-Ова што вечерва се случува пред струмичкиот плоштад е своевиден симбол на пријателство, но пријателството е многу повеќе од еден таков симболичен чин. Пријателството значи и: приврзаност, меѓусебна наклонетост, разбирање, искреност, сочувствителност, срдечност и уште многу други нешта, а токму тие нешта се вистински одраз за македонско-италијанските односи. Нас не поврзуваат песните, виното, храната, културното наследство, отвореноста и менталитетот, па и покрај суштинските разлики на тие нешта, сепак постои сродност која е засилувач на пријателството меѓу нашите земји и народи. Едно е повеќе од сигурно, ова одбележување на Денот на пријателството меѓу Северна Македонија и Италија се случува во вистинскиот град, затоа што Струмица, како ретко кој град во земјава, негува мноштво чудесни врски со Италија, а Општина Струмица, низа години наназад, има извонредна  соработка со италијанската амбасада во нашава земја. Токму затоа, упатувам искрени честитки до Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis? Ad Astra“ на чело со претседателката Дафина Пандева, кое во соработка со Општина Струмица и Амбасадата на Република Италија, е организатор на овој прекрасен настан, рече градоначалникот Костадинов.

Амбасадорот на Италија, Силвестри истакна дека извонредните македонско-италијански односи уште повеќе се зацврстиле по неодамнешната посета на македонската владина делегација на Рим. Тој порача дека е особено важно да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија во најкраток можен рок.

-Ние се надеваме дека сите засегнати страни ќе направат обид за постигнување на оваа цел до крајот на овој месец, подвлечеСилвестри.

Како гости на настанот дојдоа „знаменосците“ од Тоскана –  Città di Castiglion Fiorentino. Групата се занимава со средновековна уметничка игра со знаме и којашто преку визуелен перформанс и ренесансни костими ќе ја прикажат италијанската традиција и култура, умешно изведувајќи богати и спектакуларни кореографии со префинети техники и хармонија на движењата. Историското друштво од Кастиљон Фиорентино заедно со нивните вејачи на знамиња, ја негува и претставува средновековната традиција која датира уште од 13 век, кога секаде низ Европа, а особено во Италија, важните настани, како завршеток на некоја битка или војна, биле прославувани со парада на војниците кои вееле знамиња. Оваа група преку уметничка игра со знаме и костими ќе ја прикажат средновековната италијанска традиција.

Настапија и Струмичките мажуретки, Играорното друштво „Фолклорна низа“ од Струмица, Студиото за модерни танци „One Way“, љубители на танци и изведба од ученици од СОУ „Јане Сандански“.

Настанот го организираше Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis Ad Astra“ од Струмица, во соработка со Општина Струмица и Амбасадата на Република Италија во нашата земја.  

Покровител на на настанот е поранешниот премиер Зоран Заев, кој присутвуваше заедно со сопругата Зорица.Гости беа и евроамбасадорот Дејвид Гир и Хосе Луис Лозано Гарсиа, амбасадор на Кралството Шпанија, кои попладнево се сретнаа со градоначалникот на Струмица.

Share via
Copy link