ЗНМ: Функционерите мора да одговараат на прашањата на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагира на игноратниот, непрофесионалниот и крајно понижувачки однос од страна на генералниот секретар на градот Скопје Зоран Глигоров кон новинарските екипи за време на денешната прес конференција.
Денеска, генералниот секретар на Град Скопје Глигоров, во своето обраќање пред новинарските екипи даде куса изјава каде ги обвини приватните превозници за политичка блокада на градот и на крајот не сакаше да даде одговори на новинарски прашања со образложение дека имал други обврски. На таквата негова постапка, колегите новинари разочарано изреагирале дека тие не се дојдени да само да држат микрофони туку и да постават прашања кои се од јавен интерес за граѓаните на градот Скопје.
Апелираме дека јавните функционери треба да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници.
Потсетуваме дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека функционерите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.