„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Интервју-Ристо Манчев кандидат за градоначалник на општина Босилово од ВМРО ДПМНЕ: Довербата од граѓаните ја барам со програма која е реална и остварлива
Ристо Манчев по професија е дипломиран економист на Економскиот факултет во Прилеп. Во 2011 година стекнува Мастер Диплома за Високи Европски Студии на престижниот колеџ Fondazione Collegio Europeo di Parma, а во 2013 година стекнува титула – Магистер по Високи Европски Студии на Facolta di Giurisprodenza di Parma- Italia. Toj во изминатите години се афирмира како Секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата а покрај тоа работи и како Овластен консултант на Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија за изработка на бизнис планови.
Кои се вашите најзначајни ветувања со кои ја барате довербата од граѓаните за градоначалник на општина Босилово?
Како кандидат за градоначалник на општина Босилово, довербата од граѓаните ја барам со програма која опфаќа реализација на проекти во повеќе области и во сите населени места. Програма која е реална и остварлива, со чија реализација ќе се решат многу проблеми на граѓаните, со што општина Босилово ќе биде поубаво место за живеење.
Во наредните четири години, ќе го решиме проблемот со водоснабдувањето во сите населени места, ќе набавиме возило за комуналното претпријатие и ќе ги дислоцираме таканаречените „диви“ депонии, ќе ја започнеме изградбата на канализациона мрежа, ќе реконструираме локални патишта и улици, ќе тампонираме полски патишта, ќе изградиме училишни спортски игралишта, ќе реализираме многу проекти со кои непосредно ќе ги решаваме проблемите на граѓаните.
Покрај тоа, како општина ќе иницираме општествен активизам, ќе организираме спортски и културни манифестации, јавни едукативни настани, еколошки акции, итн.
Мојата визија е Босилово да биде економски развиена општина, со развиено и модерно земјоделско производство, со развиен алтернативен туризам и со богат општествен и културен живот.
2. Според вас што е најзначајно и најприоритетно да се направи во општина Босилово?
Најзначајно и најприоритетно е решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Иловица, Дрвош, Гечерлија, Штука и другите населени места, дислокација на дивите депонии и подобрување на јавната хигена и решавање на проблемот со отворените одводни канали. Одржување и реконструкција на локалните патишта исто така ќе биде значајно. Сите локални патишта, а особено патните правци Еднокуќево – Босилово (спој со магистрален пат А4 ) и Иловица – Турново се помеѓу позначајните затоа што овие патни правци се најфрекфентни, а се целосно дотраени.
Модернизација и реорганизација на ЈПКД „Огражден“ Босилово, кое треба да се грижи за јавната хигиена во општина Босилово, ќе биде исто така приоритет.
3. Кои се реалните проблеми на локалната самоуправа на општина Босилово?
Проблем на локалната самоуправа во изминативе четири години е недостатокот на реализација на големи инфраструктурни проекти и неискористеноста на европските фондови. Средствата и ресурсите на општината беа насочени само кон изградба на локални улички, без да се води сметка дека тие ќе бидат раскопани и уништени доколку започне изградба на канализација.
Локалните патишта, Турново – Иловица, Турново – Радово, Босилово – Еднокуќево и другите не се реконструирани и не се одржуваат. Не е започнато изградба на канализациона мрежа во ниедно населено место, проблемот со водоснабдувањето постои во повеќе населени места, а отпадните води не се третираат на ниеден начин. Депониите, ѓубрето, сметот, јавната нехигена, претставуваат голем проблем за повеќето населените места во општина Босилово.
Спортот, културата, традицијата, екологијата, едукацијата… – општествениот живот се тотално запоставени. Сообраќајот – изградба на тротоари, пешачки патеки, изградба и одржување на сообраќајна сигнализација,… исто така се заборавени.
Босилово не смее да се задоволи само со изградба на неколку помали улици во неколку населени места затоа што на Босилово му треба реализација на крупни инфраструктурни проекти за да биде чиста, уредена и развиена општина.
4. Што е тоа што треба да се смени за состојбите во помалите општини да бидат подобрени?
Факт е дека помалите општини немаат голем буџет, а реализацијата на проектите во голема мера зависи од расположливите средства. Затоа помалите општини мора да бидат максимално економични , ефикасни и транспарентни во користењето на расположливите ресурси. Особено треба правилно да се организира кадровскиот потенцијал и човечките ресурси затоа што многу често има превработеност во одредени одделенија и сектори, а за сметка на тоа има дефицит и недостаток во некои други сектори.
Локалната администрација е најзначајната „инфраструктура“ на општината, затоа треба да се стави крај на партиските вработување и да се создаде тим од квалитетни и мотивирани кадри кои ќе знаат да ги завршат работните обврски и кои ќе донесат знаење, искуство и нови проекти во општина Босилово.
Помалите општини исто така мора да бидат поагилни во својата работа. Во минатото многу проекти се реализираа со поддршка од меѓународни организација, фондови, развојни програми, итн. и за користење на овие извори на финансирање потребни се квалитетни идеи и проекти. Во изминатите четири години, во општина Босилово не се реализира ниеден проект преку ИПА програмата за прекугранична соработка, а граѓаните знаат дека порано редовно се користеа средства преку оваа програма.
5. Кои проекти ќе ги реализирате во соработка со бизнис секторот и во соработката со другите општини?
Развојот на општина Босилово е тесно поврзан со развојот и успехот на локалниот бизнис сектор. Затоа, како градоначалник и како општина ќе иницираме соработка со бизнис секторот и ќе ги поддржуваме локалните бизнисмени во реализација на нивните инвестициски планови.
Покрај бизнис секторот, ќе ги поддржуваме и индивидуалните земјоделци преку инвестиции во инфраструктурата – изградба и одржување на одводни канали, полски патишта, итн. а исто така ќе реализираме проекти преку кои ќе понудиме можности за изградба на откупни пунктови и преработувачки капацитети за земјоделски производи. Ќе поддржуваме инвестиции во алтернативни извори на енергија, алтернативен туризам, а ќе поддржуваме и претприемништво и развој на малиот бизнис.
Меѓуопштинската соработка е ефикасен начин на делување преку кои се реализираат проекти од регионално значење. Најчесто таа соработка се реализира преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Регионот има многу проекти од регионално значење кои треба да бидат реализирани во наредните четири години, а тука пред се спаѓа довршување на патниот правец Бориево – Колешино, изградба на пат Штука- Сушица, Робово-Сачево и др. а покрај патната инфраструктура, општините во регионот мора да соработуваат и на полето на третманот на отпадот, одводните канали, регионалната туристичка промоција, итн.
6. Дали мандатот од четири години е доволен да ги реализирате вашите програмски определби и ветувања?
За четири години, во општина Босилово не може да се решат сите проблеми, но може да се направат многу работи. Ќе работиме паралелно и истовремено на повеќе проекти за да можеме да ги оствариме целите. Имаме програма која е реална и остварлива, имаме конкретен план и визија за работа. Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат разликата и ќе ја препознаат работата.
За четири години, општина Босилово ќе биде чиста општина со решени проблеми со дивите депонии и водоснабдувањето, модерна, уредена општина, со јасно дефиниран развоен пат и со богат културен и социјален живот.