fbpx

Костадинов: Градиме нов и модерен зелен пазар

 Костадинов: Градиме нов и модерен зелен пазар

Интегрален текст од прес конференцијата на Костадин Костадинов, кандидат за градоначалник на Струмица од СДСМ

Почитувани жители на Струмица,

Дозволете да ве информираме и запознаеме со делот од нашата програма која третира инфраструктурни проекти кои овозможуваат решавање на прашања поврзани со вашето секојдневие.

Градиме нов и модерен зелен пазар!

Планираниот нов зелен пазар ќе обезбеди непречено извршување на непосредната трговија, пред сé. Дополнително, со изградбата на атрактивен и модерен пазаришен простор кој ќе ги содржи сите потребни придружни објекти ќе бидат подобрени условите за експлоатација, како за продавачите така и за купувачите и посетителите. Односно, сите жители на општина Струмица ќе имаат можност да ги користат услугите на пазарот, дел од нив како трговци, а дел како купувачи.

Понудата и продажбата на производите ќе биде организирана во согласност со типот на производите, нивната трајност и други важни параметри за нивен соодветен третман. Едно од најзначајните придобивки на овој проект секако ќе бидат и подобрени санитарни и хигиенски услови за сите корисници на комплексот.

Конкретната локација која ја избираме за изградба на овој нов модерен, зелен пазар е со соодветна намена и во согласност со постоечкиот детален урбанистички план. Нудиме инфраструктурно поврзување на пазарот со градот преку изградба на модерно булеварско решение на потегот од булеварот “Климент Охридски“, кај автобуската станица, што преку ново изградениот мост на реката “Водочница“ ќе се спои со улицата во индустриската зона “Агроберза”.

Со изградбата на оваа нова целина ќе се овозможи подобрена функционалност и употреба на пазарот, заштита на животната средина, како и здравјето на населението во општина Струмица. Проектот кој што го нудиме опфаќа комплетна изградба на нов зелен модерен пазар, со чија реализација ќе се креира простор кој што може функционално да ги задоволи потребите на сите граѓани, подеднакво.

Во одредена фаза од реализација на овој капитален проект предвидена е соодветна дислокација на постоечкиот пазар “Чешел”, за која што локација со нашата програма предвидуваме изградба на струмички боемски парк.

Share via
Copy link