„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Дизелот и бензинот Еуросупер БС-98 поевтинуваат, „95-ката“ останува со иста цена
Во согласност со методологијата за утврдување на цените на горивата во нашата земја, Регулаторната комисија за енергетика ја донесе најновата одлука за малопродажните цени на бензините и дизелот која ќе започне да важи од ноќеска на полноќ. Според најновата одлука на РКЕ, цените на горивата се намалуваат во просек за 0,85% проценти во однос на претходно.
Со други зборови, малопродажната цена на бензинот Еуросупер БС-98 се намалува за половина денар, додека цената на Еуродизелот се намалува за 1 денари во однос на претходно. Истовремено, цената на Еуросупер БС-95 останува непроменета.
Ова значи дека од ноќеска на полноќ за еден литар Еуросупер БС-95 ќе се плаќа 105,5 денари по литар, за Еуросупер БС-98 ќе треба да се издвојат 107,5 денари, а литар Еуродизел ќе чини 100 денари по литар наточено гориво.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 1,6 процент, кај дизелот за 2,6 проценти.