Кај жител на Добрејци полицијата пронајде марихуана и семки од растение
Почна изградбата на велосипедски патеки во во рамки на проектот „Струмица – Паметен вело град“
Интегрална изјава на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов
Почитувани граѓани,
Почитувани велосипедисти и љубители на велосипедизмот,
Почитувани претставници на медиумите,
Уште на Светскиот ден на велосипедизмот 3-ти јуни ви ветив дека Струмица ќе заличи на модерен и напреден ВЕЛО ГРАД по урнек на многу современи европски градови.
Јас ветувањата ги исполнувам.
Денес, за време на Европската недела на мобилност со огромна чест и задоволство ве информирам дека започнаа инфраструктурните активности за изградба и обележување на велосипедски патеки во градот Струмица со што Проектот „Струмица – Паметен вело град“ станува реалност.
Урбаната мобилност со велосипед има огромен потенцијал во Струмица бидејќи најголем дел од патувања се на блиски растојанија, а поголем дел од градот е на рамен терен. Велосипедот е транспорт погоден за климата, погоден за здравјето на човекот, погоден за семејниот буџет.
Префрлањето на само еден дел од дневните патувања со автомобил, со возење велосипед ќе резултира со намалено загадување на воздухот, намалена бучава, намален сообраќаен метеж и зголемено здравје.
Градежните работи за изградба и обележување на велосипедските патеки ги изведува Компанијата „Жикол“ од Струмица и ќе траат 12 месеци. Вкупната инвестиција изнесува 295.000 евра. Овие средства се 100% донација од Европската Унија.
Во оваа фаза од изградбата на велосипедската инфраструктура во градот Струмица се вклучени следните улици и булевари:
– Двонасочна велосипедска патека од Булевар „Ленинова“ до Спортската Сала „Парк“ во должина од 700 метра. Оваа велосипедска патека, од каде што започнаа градежните работи, ќе овозможи одвојување на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај низ градскиот парк, ќе создаде дополнителна можност за рекреација на граѓаните, но и поврзување на населбата „Карпош“ со Булеварот „Ленинова“.
– Велосипедска патека од двете страни на Булевар „Ленинова“ во должина од 2.5 километри.
– Велосипедска патека од двете страни на Булевар „Маршал Тито“ во должина од 780 метри.
– Велосипедска патека од двете страни на Булевар „Климент Охридски“ во должина од 3 километри.
– Велосипедска патека на улица „Братство Единство“ во должина од 600 метри.
– Велосипедска патека на улица „24-ти Октомври“ во должина од 310 метри.
– Велосипедска патека на Старата Чаршија во должина од 700 метри.
Велосипедски ленти ќе бидат обележани и на улиците „Ѓуро Салај“, „Сандо Масев“, „Гоце Делчев“, „Балканска“, како и на улиците 4 и 5 во Градскиот Парк.
Во рамки на договорот, исто така, е вклучена и хоризонтална сигнализација и обележување на велосипедски премини и крстосници, како и поставување на сообраќајни знаци и делинеатори за физичко одвојување на коловозните ленти и велосипедските патеки.
Во овој проект е опфатен најголем дел од централното градско подрачје со цел да се создадат услови за урбана мобилност со велосипед и да се намали сообраќајниот метеж.
Проектот „Струмица – Паметен вело град“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за општините“, е еден од најголемите и најзначајните проекти за општината од повеќе аспекти, кој во фокусот ја става урбаната мобилност на Струмица, нејзиното подобрување и унапредување.
Покрај изградбата на велосипедски патеки и создавање современа вело инфраструктура во градот, овој проект предвидува и активности за јакнење на капацитетите и подигнување на јавната свест за вело-културата, за зголемена употреба на велосипедот како најеколошко, рекреативно и алтернативно превозно средство со цел стекнување здрави и еколошки навики.
Патеките ќе се градат и доградуваат, но промената на свеста, создавањето на нови вело навики е трајната придобивка и суштинската промена од овој проект.
Ги замолувам граѓаните и сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во деловите од градот каде во периодот што претстои ќе се спроведуваат инфраструктурни активности. Создаваме современа вело инфраструктура низ улиците и тротоарите во градот, вело патеки на асфалтна подлога со рамни и нивелирани рабници.
Во Струмица „Сè е блиску“… Блиску е и времето кога нашата Струмица ќе ја направиме поубаво место за живеење, со безбедна и современа велосипедска инфраструктура.