„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Универзитетот за туризам и менаџмент додели 220 стипендии за талентирани студенти од цела Македонија
По пролетниот караван и потпишувањето меморандуми за соработка со 30 општини од државата, Универзитетот за туризам и менаџмент додели 220 стипендии за талентирани студенти, како и за студенти со отежнат пристап до образованието. Стипендиите беа транспарентно доделени преку партнерските општини, а ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, на настанот организиран по овој повод во универзитетскиот амфитеатар, најави дека со оваа практика ќе продолжи и во текот на 2023 година.
Иницијативата за доделување стипендии на ректорот Аце Миленковски беше реализирана преку Фондот за стипендирање „Проф. д-р Љубе Миленковски“, основан во чест на човекот чие име го носи, а кој секогаш несебично ги поттикнуваше и ги поддржуваше младите да израснат во професионални, самоуверени, авангардни лидери на општествените промени. На иницијативата на Универзитетот ѝ се придружи и заменикот народен правобранител, г-н Јован Андоновски, преку кого беа доделени 8 стипендии за талентирани студенти.
На свечениот настан организиран по овој повод, кој се одржа на 1 ноември 2022 година, пред 172 стипендисти што го наполнија амфитеатарот на Универзитетот, пригоден говор одржа ректорот проф. д-р Аце Миленковски. Ректорот Миленковски на своите идни колеги им порача дека богат човек не е тој што има, туку тој што несебично дава и работи за доброто на своето семејство, на својата заедница и на својата држава, истакнувајќи дека стипендирањето е само еден дел од напорите на Универзитетот да придонесе младите да останат во државата.
Доделените стипендии отвораат можност младите да добијат квалитетно образование токму во сферата на менаџментот, маркетингот, туризмот и информатиката, економски гранки меѓу најбрзорастечките во светот, кои истовремено овозможуваат локален економски раст и развој. Благодарност за подадената рака и поддршка на настанот искажаа и самите стипендисти. Ана Ковачевиќ, стипендистка од Битола, во своето пригодно обраќање изрази увереност дека таа и нејзините колеги ќе ја оправдаат укажаната доверба и дека со стекнатото знаење ќе создадат општество што ќе понуди поквалитетен живот за сите.