„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Општина Струмица и „Комуналец“ од задутре почнуваат со селекција на отпадот
Општина Струмица во соработка со ЈПКД „Комуналец“, во рамките на проектот „Еко паметни општини“, во недела – 19 март, од 09:00 часот, ќе започне со делење втора канта на домаќинствата, за селекција на отпад (пластика и лименки), соопштија од струмичкото комунално претпријатие.
На почетокот ќе бидат опфатени: населбата Карпош и сите улици во потегот од улицата Браќа Миладинови до улицата Мито Хаџивасилев Јасмин, како и од Булевар Климент Охридски до Булевар Маршал Тито.
Со оваа акција и официјално ќе започне селектирањето отпад во Струмица, кое во наредниот период постепено ќе се прошири и на целата територија на општината.
Кантите се обезбедени од ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица и ќе се делат бесплатно.
Се апелира до граѓаните за домаќинско и правилно користење на кантите за селекција на отпад од пластика и лименки.
ЈПКД Комуналец ќе го подига овој вид отпад еднаш во неделата, според распоред кој е во фаза на изготвување.