„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Министерката за животна средина на средба со Костадинов
Градоначалникот Костадин Костадинов денеска беше домаќин на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Во фокусот на средбата беше воведувањето на целосен електричен еколошки јавен превоз со што Струмица ќе биде прва Општина во државата со таков превоз, а се разговараше и за останатите активности на Општината за поголема заштита на животната средина.
-Заштитата на животната средина е еден од нашите приоритети, затоа што ништо не е поважно од здравјето на граѓаните. За новите предизвици и решенијата за нив, денеска разговаравме со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Како Општина којашто забрзано ја развива својата европска, модерно урбана верзија, ја информирав министерката Шукова за сите проекти кои се во фаза на реализација, а коишто го подобруваат квалитетот на животот и истовремено ја заштитуваат животната средина. Во фокусот на разговорот беше мојата посебна гордост, а тоа е воведувањето на целосен електричен, еколошки јавен превоз со што Струмица ќе биде прва Општина во државата со таков превоз, а за што се формира посебно јавно претпријатие „Струмица Транспорт“.Гордост ми се и проектите во урбаната мобилност како што е изградбата на велосипедски патеки, создавање современа вело – инфраструктура во градот, субвенционирањето за купување на нови велосипеди чија цел е зголемување на користењето велосипеди, а воведената селекција на отпадот во домаќинствата дава добри резултати, објави струмичкиот градоначалник.