fbpx

ЗАПОЧНУВА ВТОРИОТ МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ – “ВЕЛО СТРУМИЦА“

 ЗАПОЧНУВА ВТОРИОТ МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ – “ВЕЛО СТРУМИЦА“

По повод Светскиот ден на велосипедот – 3 јуни, оваа година, во период од 01.06. до 03.06.2023 година, во Струмица ќе се одржи вториот Меѓународен Фестивал за љубителите на велосипедизмот – “Вело Струмица”.

Во рамки на фестивалската програма, покрај серијата активности посветени на сообраќајната и велосипедската култура како начин на живеење, официјално ќе биде пуштено во употреба и велосипедско-рекреативното игралиште “Pump Track“. Овој проект е финансиран од Европската Унија и директно Општина Струмица, а се однесува на дополнување на понудата на велосипедски содржини кои се нудат, со цел стимулирање и поттикнување на употреба на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. На овој начин, се овозможува богата вело-понуда за различни генерации, со фокус на различни потреби.

Целокупните активности во  насока на поттикнување на велосипедизмот  се дополнување на “Струмица – Паметен Вело Град“, во чии рамки во изминатата година беа изградени и обележани градски велосипедски патеки.

Визијата за трансформација на Струмица во велосипедски град и редовната употреба на велосипедот како примарно средство за движење на различни генерации прераснува во реалност и секојдневие. Со досега реализираната велосипедската инфраструктура, како и преку развој на рекреативните велосипедски содржини, континуирано вложуваме во прогрес кон “паметен вело град“. Продолжуваме понатаму со активности наменети за збогатување на можностите и понудата за активните велосипедисти, но и за оние за кои велосипедот е средство за рекреација. Предвидена е изградба на планински велосипедски патеки, како и развој на велосипедска инфраструктура која има за цел поврзување на населените места со градот.“изјави Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.

Во рамки на успешната долгогодишна соработка која ја имаме со Европската Унија  преку програмата “ЕУ за Општините“ и преку ИПА програмите за прекугранична соработка, а како дел од долгорочната стратегија за прогрес на Струмица како велосипедски град, го реализиравме проектот – Велосипедско рекреативно игралиште “Pump Track”, кој на новите генерации ќе им овозможи дополнителен простор за вело-рекреација. Проектот е реализиран во предвидениот рок од 2 месеци и подразбира изградба на игралиште, јавен простор слободен за употреба за сите граѓани, во форма на континуирана патека од нагорнини, надолнини и рампи за скокање околу кои може да се вози велосипед, скејтборд, ролерки или тротинет. Преку збогатување на велосипедските содржини во општината, ја охрабруваме и стимулираме употребата на велосипедот и алтернативните средства за превоз, како и негувањето на поеколошки и поодржливи одлуки за урбана мобилност.“ – изјави Ѓоко Ристовски, Раководител на Одделение за Меѓународна Соработка и Европски Фондови во Општина Струмица.

Официјалниот почеток на Фестивалот е предвиден за 01.06.2023, во чии рамки ќе се одржи вело тура по реализираните велосипедски патеки, по што ќе следи официјалното пуштање во употреба на велосипедско-рекреативното игралиште “Pump Track“, со почеток од 20:30 часот.

Share via
Copy link