„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Николовски: Историски ден, изградбата на браната Конско целосно е завршена
Интегрален текст од обраќањето на министерот Љупчо Николовски на настанот по повод завршувањето од изградбата на браната Конско со придружни објекти и акумулација на река Конско.
Почитуван претседател, Стево Пендаровски,
Почитувани претходни премиери Димитар Ковачевски, Зоран Заев и Оливер Спасовски,
Почитувани сегашни и претходни министри во Владата, пратеници, градоначалници, директори, претставници на институции и здруженија,
Почитувани претставници на компанијата изведувач и надзор на изведбата,
Почитувани колеги и сите останати гости,
Почитувани медиуми,
Историски ден,
За мене лично, за Владата и за целата држава.
Браната Конско е целосно изградена!
Најголемиот водостопански проект изграден во државава последниве 20 години и најголем инфарструктурен проект во последниве 50 години во гевгелискиот регион.
Каков успех! Поминавме ковид криза, поминавме економска криза и ништо не не спречи. Затоа нашиот народ кажал дека „Ако се сака СЕ се може!“ Еве го доказот, изградена брана, вредна 40 милиони евра, финансирана од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Бев овде, на истово место, во 2018 година, кога заедно со тогашниот премиер Зоран Заев, го притиснавме копчето кое означи старт на градбата. Од тогаш до денес, неколку пати доаѓав на увид, го следев целиот процес, присуствував и на тестирањето на опремата, влегов и во тунелот пред да се затвори капакот и сведочев на почетокот на првото полнење на браната. Затоа, овој проект го доживувам како нешто кое за мене ќе остави траен личен печат и ќе го мапира Министерството за земјоделство, како институција која изминативе седум години постигнала огромен успех во реализацијата на водостопански објекти.
Браната Конско подразбира и ново вештачко езеро-акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени околу 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати.
Со браната ја обезбедуваме потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство, а влијаеме и на вкупниот развој на економијата во овој крај, бидејќи акумулацијата ќе се користи и за развој на руралниот туризам, за спортски и рекреативен риболов.
Освен тоа, браната добива нова додадена вредност, бидејќи со грант од Кралството Шпанија, предвидена е изградба на пловечки фотоволтаици со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергатската независност на државата. Планирани се и 2 мали хидро централи во рамките на хидросистемот, бидејќи ова е единствениот водостопански објект кој веднаш по завршувањето на браната започнува и со градба на хидросистем за наводнување. Веќе е потпишан меѓународен договор со консултант за имплементација CES (Consulting Engineers Salzgitter GmbH) кој што ќе ги извршува задачите за проектирање, надзор и учество во процесот на избор на изведувач на градежните работи. Проектирањето на градежните работи ќе започне веќе од утре, договорен е состанок на кој официјално на консултантот ќе му го предадеме налогот за почеток на проектот.
Хидросистемот Конско заедно со ХС Лисиче, Пепелиште и Страиште се четирите нови хидросистеми кои ги градиме со поддршка од германската Влада, како дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија. Овие четири хидросистеми ќе обезбедат сигурно наводнување за нови 13.650 хектари земјоделско земјиште. Значајна и историски до сега, најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето вредна над 110 милиони евра. Најголем бенефит ќе имаат земјоделците од општините по текот на реката Вардар а тоа се Велес, Чашка, Неготино, Демир Капија, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран.
Но не се само овие водостопански објекти. Славишко поле, Чаушица, Конопница и Пишица се завршени, а Теарце е во завршна фаза. Во моментив речиси на целата територија на државата имаме активни проекти за модерни хидросистеми.
Колибари, Пумпна станица Дебар, тековно се гради. Непречено се одвиваат работите на реализација на капиталниот проект Равен Речица и брана Речани. Годинава ќе започне тендерска постапка за нова брана, Брана Слупчане.
Во тек е проектирање на Втора фаза од системот за наводнување Равен Речица, во фаза на потпишување е Договор за мал систем за наводнување во Општина Сарај. Дополнително од ИПА фондовите одобрени се уште два капитални проекти, изградба на хидросистеми за наводнување во Сопот и Новаци.
Градиме и обезбедуваме вода за земјоделците, ги зголемуваме површините, го зголемуваме производството, ја зголемуваме домашната економија. Одиме напред во секој поглед.
Честитики до сите и огромна благодарност до изведувачот, надзорот, инженерите, работниците и сите вклучени во овој процес.
Изградивме капитален проект! Браната Конско ќе биде запишана во историските документи и ќе биде сведок на едно време, во кое приоритетите биле државнички, за доброто на граѓаните и за иднината на сите нови генерации кои ќе ги живеат благодетите на она што ние го градиме денес.