„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Во вчерашната полициска акција се уапсени 15 цариници и еден полицаец
Сооштение на Јавното обвинителство
Под раководство на предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, вчера во попладневните и вечерните часови се спроведе голема полициска акција под кодно име ПРЕМИН. Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка што обвинителството во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја спроведуваше по доставена пријава од граѓанин против три лица. Во текот на акцијата беа извршени претреси на 26 локации во Струмичко-гевгелискиот регион и при тоа се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник. Со оглед дека во текот на предистрагата беа спроведени посебни истражни мерки, при претресите беа пронајдени паричните средства што биле примени како поткуп, во вкупен износ од 50.000 евра.
Предметниот јавен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР против 15 лица, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 16 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање поткуп од чл.357 ст.1 од КЗ, додека за две лица пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 од КЗ ќе се спроведе скратена постапка. Од прибавените докази во текот на предистражната постапка, произлегува дека осомничените како вработени во Царинската управа на РСМ, а распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период започнувајќи од 21.03.2023 година, па сѐ до вчера – 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа. Така, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор спрема шестмина осомничени, додека за останатите десет осомничени лица предложи мерки на претпазливост – обврска за повремено јавување на определено службено лице, привремено да им бидат одземени патните исправи за преминување на државна граница и забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело.
Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.
Фото: архива граничен премин Стар Дојран