Во Градската галерија во Струмица отворена изложбата „Предизвик“
Во Градската галерија во Струмица отворена изложбата „Предизвик“
Во Градската галерија денеска беше отворена изложбата „Предзвик“ во организација на амбасадата на Република Италија, Здружението на граѓани „Кво Вадис Ад Астра“ и Oпштина Струмица.
На оваа изложба струмичани имаа можноста, меѓу другото, да ги видат оригиналните копачки на еден од најдобрите италијански и светски фудбалери, Роберто Баџо, тркачкиот велосипед „Пинарело“, конструиран за да ги собори олимписките рекорди, како и бројни уникатни спортски експонати од срцето на Италија што ја откриваат врската помеѓу креативноста, технологијата и движењето.
Изложбата ја отвори заменик градоначалничката на општина Струмица Елена Маѓеровска Паликарова, а присутните ги поздрави и амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Н.Е Паоло Палминтери.
Отворајќи ја изложбата Паликарова од нејзино и од името на градоначалникот Костадин Костадинов кој од објективни причини не можеше да присуствува на настанот, му го честиташе наименувањето на господинот Паоло Палминтери за нов италијански амбасадор, посакувајќи му успех во извршувањето на дипломатските задачи во нашава земја.
-Прекрасно е сознанието дека изложбата „Предизвик“, по главниот град на Естонија – Талин беше донесена и во нашиот главен град – Скопје, а еве денес таа, за првпат е на показ и пред граѓаните на Струмица. За тоа нашата огромна благодарност оди на адреса на организаторитe од амбасадата на Република Италија, но и на луѓето од Здружението на граѓани „Кво Вадис Ад Астра“ кои заедно со Општина Струмица ја имаат улогата на соработници во реализацијата на овој проект. Изложбата е поддржана од MAECI и ADI – Италијанско здружение за индустриски дизајн. Изложбата ,,ПРЕДИЗВИК“ ни ги донесува иновациите на италијанскиот дизајн во спортот, претставувајќи го всушност спојот на спортот, дизајнот и италијанската страст – визуелно патување низ иновациите во спортскиот дизајн од 1960-тите до денес, како дел од патот кој води кон Зимските олимписки игри 2026 кои ќе се одржат во Милано и Кортина Дампецо, рече Паликарова.