Учениците од „Никола Карев“ ќе ги санираат оштетените 190 клупи за седење во Градскиот парк
Учениците од „Никола Карев“ ќе ги санираат оштетените 190 клупи за седење во Градскиот парк

Учениците од дрвопреработувачката струка од ДСУ „Никола Карев“ во соработка со општина Струмица и „Комуналец“ ќе ги санираат оштетените клупи во градскиот парк и во останатите делови од градот, соопштија денеска од Општината.
Заедно со професорот Никола Узунов, деновиве, направија увид и констатираа дека вкупно 190 клупи за седење треба да се санираат, односно да се постават нови дрвени подлоги кои ќе ги изработат учениците, а останатите клупи кои што имаат здрави дрвени подлоги ќе бидат бојадисани со посебно средство за заштита на дрвото
.Материјалите за обнова на клупите ќе ги обезбедат ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица, кои од страна на учениците од дрвопреработувачката струка, образовен профил – техничар за мебел и ентериер, ќе бидат обработени во нови дрвени подлоги за оштетените клупи.
Учениците од оваа струка со своите професори до сега имаат изработено повеќе предмети, како што се шкафче за секое дете, мебел за Одделот за невропсихијатрија при ЈЗУ Општа болница Струмица и кујна за потребите на училиштето.
Ова е одлична можност за изведување на практичната настава и усовршување на работните вештини кои по завршувањето на образованието ќе им овозможат предност на пазарот на трудот.