Радовиш подготвен за спектакл: Јубилејниот „Македонски бисер“ носи врвно борење и голема забава со Пајак

Градот Радовиш викендов ќе биде центар на македонскиот спорт и забава. Во сабота, на 30 мај, ќе се одржи јубилејното 50-то издание на меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“, настан кој ветува незаборавно искуство за сите генерации.
Забава за сите генерации во Fan Zone
Програмата започнува во 13:30 часот со отворање на богатата Fan Zone на платото пред спортската сала „25 Мај“. Посетителите ќе можат да уживаат во DJ сет на Зоки Бејбе, интерактивни игри како „Тркало на среќата“, Photo Booth и зона со бесплатна храна и освежување. Кулминацијата на забавата на отворено ќе биде во 16:00 часот со големиот музички настап на Пајак.
Ваквиот концепт кој го обединува спортот со модерната забава е препознаен и од бизнис заедницата.
„За Кожувчанка ДОО е исклучителна чест и задоволство што имавме можност да го поддржиме овој значаен настан. Веруваме во вредностите кои ги промовира меѓународниот боречки турнир ‘Македонски Бисер’-Радовиш и остануваме посветени на поддршката на иницијативи кои носат позитивни промени, со историја и огромно значење во нашата заедница.“
Традиција која создава шампиони
Додека трае забавата на платото, во салата уште од 10:00 часот наутро ќе се одвиваат квалификациските борби на натпреварувачи од над 10 земји. Овој јубилеј е потврда за континуитетот на македонското борење, што е и клучната причина за долгогодишната поддршка од генералните партнери.
Андреј Јовковски, Директор на самостојна дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, истакна:
„Педесет години спортска традиција и успеси заслужуваат почит и искрени честитки. Ни претставува особено задоволство што сме генерален спонзор на јубилејниот боречки турнир ‘Македонски бисер’, кој носи врвни резултати за македонскиот спорт и ја позиционира Македонија на меѓународната спортска мапа. Со поддршката на вакви настани вложуваме во спортот, во младите генерации и во континуитетот на традицијата што нè поврзува.“
Својот влог во оваа шампионска приказна го дава и Адора Бизнис Групацијата:
„Македонски бисер не е само спортски турнир, туку дел од македонската спортска историја и традиција кој пет децении создава врвни спортисти, пријателства и гради мостови на поврзување и сплотеност меѓу народите. Како човек кој отсекогаш го почитувал спортот и неговата сила да гради дисциплина, карактер и заедништво, за мене претставува искрено задоволство што Адора Бизнис Групација е спонзор и дел од овој значаен јубилеј. Поддршката на спортот значи поддршка на младите, на здравите навики и афирмацијата на Македонија во светот. Адора и во иднина ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и настаните кои оставаат трајна вредност за Радовиш и Македонија“, изјави проф. д-р Ванчо Чифлиганец, Претседател на Адора Бизнис Групацијата
Свечено финале и промоција на монографија
Пред почетокот на финалните борби во 17:30 часот, во салата ќе биде промовирана и монографијата „50 години Македонски бисер“. Свеченото отворање ќе биде заокружено со интонирање на химната, по што ќе започнат борбите за престижните трофеи.
Влезот за сите посетители е слободен – Ве очекуваме во Радовиш заедно да ја прославиме традицијата која создава шампиони!
Домаќин: БК Бучим Радовиш и боречка федерација. Генерални спонзори: Општина Радовиш, Рудник за бакар Бучим, Комерцијална банка АД Скопје, Adora Business Group, МАШИНОКОП РЕСУРСИС. Главни партнери: Sinalco, Кожувчанка, ТЕИКОМ ТИМ. Медиумски партнери: Sportski.mk, Ekipa.mk, Sportsko Radio 90.3 fm, Sportsport.mk, Gol.mk