fbpx

Почина актерот Данчо Чеврески, лауреат на ланскиот „Астерфест“

 Почина актерот Данчо Чеврески, лауреат на ланскиот „Астерфест“

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец и продуцент Данчо Чеврески почина синоќа во Скопје на 69 годишна возраст.

Играше во повеќе македонски и југословенски филмови, добитник е на повеќе награди, а минатата година на Четиринаесетиот Интернационален филмски фестивал „Астерфест“, што се одржува во Струмица, ја доби наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и на ТВ.

Од свое име и од име на Владата сочувство изрази премиерот Зоран Заев.

-Со искрено жалење ја примив веста за смртта на истакнатиот театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент, Данчо Чеврески, чии уметнички остварувања оставија важен и траен белег во театарот и македонската кинематографија.

Данчо, ќе остане запаметен по својата богата и плодна филмска и театарска кариера, за која говорат и многубројните награди, а како последен сведок е и минатогодишната „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и на телевизијата.

Своето големото наследство од знаење тој со страст им го пренесуваше на своите студенти од Факултетот за драмски уметности, и ревносно и со љубов ги внесуваше во тајните на актерската игра пред камерите.

Од свое лично име, и од име на членовите на Владата, до семејството Чеврески и до сите негови блиски и пријатели, упатувам изрази на длабоко сочувство за нивната загуба во знак на сеќавање и вечен спомен на Данчо, стои во сочувството од премиерот Зоран Заев објаевно на неговиот фејсбук профил.

Share via
Copy link