Костадинов: фали намалување од 0.001 грам манган на литар вода за да добиеме пак питка вода
Актерите на Струмичкиот театар со „Црна дупка“ ја кренаа завесата на 32. ФКТ „Ристо Шишков“
Актерите на НТ „Антон Панов“ од Струмица со претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, ја кренаа завесата на 32. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на 8 септември, Денот на независноста, а годинава ќе трае до 13 септември.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-И еве сме собрани на истово место, да бидеме сведоци на уште еден актерски собир, еве сме собрани да му се израдуваме на 32-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар ,,Ристо Шишков“. Во предвидените 6 фестивалски денови, вљубениците во театарската уметност ќе имаат прекрасна можност да проследат 8 претстави во изведба на театри од земјата и странство, а со тоа и бројни актерски креации на штиците што живот значат. Убеден сум дека ќе се насладуваме на плодовите од актерското мајсторство, како сведоштво за моќта на културата и уметноста, и вонвременските премостувања на трајните вредности кои прозлегуваат од нив. Струмица го чува и негува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ како едно од своите најомилени културни чеда. Тоа ќе го прави и во иднина во чест на актерите и во чест на бардот на македонското глумиште, неповторливиот Ристо Шишков, рече струмичкиот градоначалник.
Пред почетокот на првата претстава на ланскиот лауерат, Јордан Симонов, кој годинава го предводи фестивалското жири му беше врачена плакетата од за најдобро актерско остварување од 31, фестивалско издание. Наградата му беше врачена и на Даријан Петров, кој лани беше прогласен за најдобар млад актер.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Струмица и Фондацијата „Заев-едно општество за сите“.