Две лица загинаа во несреќен случај во рудникот „Бучим“
Две лица загинаа во рудникот „Бучим“ кај Радовиш, членови на Алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш кои биле ангажирани за чистење на високо недостапни силоси, во несреќа која се случила во 11:43 часот.
За несреќата со официјална изјава излегоа од рудникот „Бучим“.
-На 13.10.2021 година во 11:43 часот, во рудникот за бакар “Бучим” ДОО Радовиш, во работната единица флотација, се случи несреќен случај, при што две лица се починати. Починатите лица се подизведувачи од Алпинистички клуб ПЛОЧА – Радовиш, ангажирани за извршување работни задачи – чистење на високо недостапни силоси. На лице место на несреќата, медицинскиот персонал на Бучим веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и настраданите лица се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт. Известени и повикани се на лице место сите надлежни органи што се бараат со закон во таков случај за извршување на увид. Службите за итни случаи и одговорните служби во моментов вршат истрага. Бучим целосно соработува во овој процес. Формирана е и комисја која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај во согласност со сите законски барања. Резултатите од истрагата ќе бидат дополнително соопштени, веднаш штом ќе бидат достапни наодите. “Бучим” ДОО Радовиш искажува искрено и најдлабоко сочувство до семејствата на починатите лица, стои во официјалната изјава на „Бучим“.
Настанот го потврди и портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова. Информираше дека се врши увид од страна полициски службеници и јавен обвинител.
Фото: веб страница на „Бучим“