Инвестиција од 650 илјади евра за реконструкција на трафостаницата „Струмица 2“
„Владата и МЕПСО посветено работат на унапредување и модернизација на капацитетите и преносната мрежа на електрична енергија, преку реконструкција и ревитализација на трафостаниците и водовите, со цел да се обезбеди подобар и постабилен систем на пренос на електрична енергија“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната работна посета на општина Струмица, каде заедно со директорката на А.Д. МЕПСО Ева Шуклева и градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски извршија увид во реконструкција на трафостаницата „Струмица 2“.
Проектот за реконструкција на трафостаница „Струмица 2“ е со вредност од 650 илјади евра и опфаќа замена на старите прекинувачи во преносната мрежа, кои беа во употреба повеќе од 50 години, со прекинувачи од најновата генерација.
Министерот Бочварски истакна дека со овој проект ќе се зголеми квалитетот на системот и ќе се унапреди преносната мрежа на електрична енергија во Струмичкиот регион.
„Со инвестициите во енергетскиот систем овозможуваме стабилност на енергетскиот сектор, зголемен квалитет на преносот и снабдувањето со електрична енергија, како и поголема безбедност. Покрај реконструкцијата на трафостаницата „Струмица 2“, веќе е реконструирана и трафостаницата Струмица 1 која се поврзува на трафостаниците Сушица и Валандово, па сè до Бугарија. Ги поздравувам и ги охрабрувам ваквите проекти со кои се отвораат можности за нови инвестиции и се создаваат поволни услови за работа на компаниите“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Директорката на А.Д. МЕПСО Ева Шуклева истакна дека главен приоритет на МЕПСО е да обезбеди непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија на сите корисници на преносната мрежа и да овозможи доверливо и сигурно работење на електропреносниот систем.
„Со цел да овозможиме непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија и стабилност на електропреносниот систем, потребни се континуирани инвестиции во опремата на трафостаниците и далеководите. Покрај големите инвестициски проекти за надградба на постоечката и изградба на нова мрежа, А.Д. МЕПСО посветено работи и на одржување и ревитализација на сите електроенергетски објекти, согласно годишните планови. Повод за денешната посета на трафостаница „Струмица 2“ замена на постоечките прекинувачи со нови. Новите прекинувачи припаѓаат на најновата генерација и се карактеризираат со способност за најкратко време да го изгаснат електричниот лак што се јавува при манипулација, вклучување и исклучување на прекинувачот. Како медиум за гаснење на прекинувачот користиме SF6 гас кој во пракса, во светски рамки, се покажа како најефикасен. Оваа активност е дел од проектот што А.Д. МЕПСО го финансира со сопствени средства во висина од 650 илјади евра и опфаќа набавка на 31 нови 110kV прекинувачи кои во рок од 2 години ќе бидат монтирани и ставени во функција. Постапката за замена на прекинувачите ја извршуваат наши квалитетни, специјално обучени и сертифицирани стручни кадри“ – изјави директорката на А.Д. МЕПСО, Ева Шуклева.
При денешната посета на општина Струмица, министерот Бочварски оствари и работна средба со градоначалникот Коста Јаневски на која разговараа за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање.
„На средбата со градоначалникот Јаневски и останатите претставници на општината ги отворивме прашањата за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, а исто така разговаравме и за сите значајни проекти што се реализираат во Струмица и околината меѓу кои и проектот за санација на локални патишта и улици, како и за потребата од нови инвестиции кои дополнително би придонеле за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и би овозможиле локален економски раст“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.