Костадинов: фали намалување од 0.001 грам манган на литар вода за да добиеме пак питка вода
Изборна пловидба со „Титаник“ за кочничарите на прогресот во Струмичко
Пишува: д-р Живко Груевски
Неколкумина лидери на граѓанското здружение „Здрава котлина“ од Струмица еуфорично одлучија да облечат два – три броја поголеми „политички костуми“ и активно да учествуваат на овие локални избори со нагласени лични амбиции за себе да обезбедат платени политички функции во советите на општините Струмица, Босилово и Ново Село. Логично, за нив гласаа нивните фамилии и блиски пријатели но како што се очекуваше рационалното одлучување и разумот преовладаа кај мнозинството од нивните сожители. Имено, огромен број или околу 95 проценти од жителите на овие општини кои го искористија правото на глас, јасно им порачаа „Стига е!“ или доста е за најголемите кочничари на прогресот и изградбата на просперитетни и економски стабилни општини, регион и држава.
Наместо далеку поодговорен и поинвентивен настап на позитивна граѓанска конструктивност, со монотоното повторување на небулозните, апокалиптични сценарија, говорот на омраза преку агресивните повици на граѓански бунт – по секоја цена да се забрани и спречи изградбата на “Рудникот на смртта“ (??), тие се самопотопија во живиот песок создаден од нивната деструктивна мисла, лична злоба и фрапантна доза на незнаење.
Нивните сожители јасно им порачаа дека после петгодишното манифестирање на лажна загриженост и евтин популизам со кој во континуитет го труеја јавното мислење, нема и понатаму да дозволуваат да ги заведуваат и да им ја „убиваат“ иднината. Одлучија со својот глас да ги поддржат визиите и понудените проекти од кандидатите за градоначалници и нивните советнички листи каде со слободен избор препознаа реално остварливи патишта кон прогрес и подобар живот во нивните општини – Сега и Веднаш! Околу 95 проценти од гласачите одбија да го следат ретроградниот патоказ за „status quo“, поставен од оние кочничари на развојот кои единствено им ветуваат продолжено живуркање или преживување, а не конечно остварување на едно од основните човекови права и цели за среќен и достоинствен живот.
Како директни последици од глобалната Ковид криза со епски пропорции, во актуелниве времиња кога секој разумен човек е сосема оправдано загрижен за егзистенцијалните проблеми во сегашноста и непосредната иднина, евалуирајќи ги експертските предупредувања за очекуваната голема енергетска криза, порастот на цените на сите производи и нагласени инфлаторни предизвици, нивната празна реторика и заплашувачките пароли кои се базираат на крајно паушални и лаички проценки, се најблаго речено – длабоко неодговорни!
Се прашувам уште колку генерации ќе треба да потрошиме за да ја стекнеме потребната мудрост и знаење дека вистинската формула за ефикасно подобрување на условите за живеење е всушност во безрезервната подготвеност за промени, за брза и конкретна акција во реализација на приоритетните проекти. Високите достигнувања за поквалитетен живот на граѓаните и забрзан економски развој, не се остварливи доколку останеме заробени од говорот на омраза, радикално негативистичкиот и исклучив пристап. Токму овие тројца „инстант“ политичари со платени функции во трите општински совети, мораат прво да го пронајдат одамна изгубениот пат во сопствените заблуди и вкоравени предрасуди со чие промовирање несвесно нанесуваат само зло на нивните сожители. Со заложбите против промени само го засилуваат чувството на бесперспективност посебно за помладите генерации кои во недостаток на робусни инвестиции во економијата ја изгубија надежта за посветла иднина и во огромен број се иселија во странство или пак се подготвуваат за тој трауматски процес.
Имам чувство дека овие локални избори претставуваат евидентен пораз за нивната популистичка опсесија – борба по секоја цена да ја спречат реализацијата на една од најголемите странски инвестиции во земјава, френетично тврдејќи дека се единствените веродостојни претставници на интересите на сите (?) жители од Струмичкиот и под Огражденскиот регион. Со неподнослива леснотија ги етикетираат сите оние кои ете се одважиле да имаат различно мислење и став од нивниот, како „расипани и корумпирани профитери кои немаат капацитет да размислуваат со своја глава“ (?). Упорно ја игнорираат реалноста дека само богати и економски развиени општини, региони и држави можат ефикасно да си дозволат непречено реализирање на сите ветени инфраструктурни и комунални проекти, значително да инвестираат во потребната грижа за заштита на животната средина, да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето, во образованието културата… или воопшто во креирање на квалитетни параметри за современо и среќно живеење.
Неспорно е дека локалниот граѓански активизам е извонредно важен фактор во цивилизираната имплементација на транспарентниот процес на партиципативна демократија, но да се разбереме, користењето на природните богатства или во конкретниов случај – рудните депозити, сигурно не се ничија приватна сопственост и не се типично локално или пак регионално прашање туку доминантно спаѓа во суверените ингеренции и јурисдикција на државата и надлежните државни институции затоа што ги засега суштинските интереси и добробитта, без никаква дискриминација, апсолутно на сите граѓани од сите краеви на нашата држава!
(комерцијална објава)