„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Караванот „Остави трага“ испрати порака од Дојран: Заедно за поголемо младинско учество и еднакво општество
Дојран беше главното место каде викендов се одржа третиот од серијата јавни настани за подигање на јавната свест помеѓу младите луѓе, а кој е насловен „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“. Целта беше да се подигне јавната свест во локалната заедница, особено меѓу младите луѓе и потребата за создавање на вистинско еднакво и различно општество. Културата, уметноста и дебатата беа во средиштето на овој настан каде беа раскажани многу инспиративни и успешни приказни, но и примери за борба против стереотипите, дискриминацијата и говорот на омраза пред жителите на Општина Дојран, но и големиот број на туристи во овој прекрасен македонски туристички центар.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека е горда што денес како министерка може да остави трага правејќи конкретни позитивни промени во општеството.
„Произлегувам од многудетно семејство со четири ќерки, а сум благодарна на моите родители кои на сите ни ја всадија хуманоста, борбата за човековите права и праведноста. Тогаш започнав да ги стекнувам вредностите кои денес ги имам, во прв ред праведноста, хуманоста и еднаквиот третман кон сите луѓе. Така и се трасираше патот во мојата професија: да се борам за децата, правата на жените, на работниците, но и да се борам против било каков облик на дискриминација. И токму денес, како министерка можам да направам нешто конкретно и многу повеќе за сите овие заложби за кои отсекогаш сум се борела“, рече Тренчевска.
Историски гледано, истакна вицепремиерот Битиќи, општествата не секогаш биле правични кон жените, па така шансите за образование, напредување во кариерата и еднакви можности биле неправедно ускратени или ограничени, оставајќи ги да се чувствуваат маргинализирани и обесхрабрени.
„ Само со предизвикување на општествените норми и обезбедување еднаков пристап до образование, вработување и можности за лидерство, можеме да создадеме свет каде шансите не се одземаат врз основа на полот, годините, етничка или национална припадност, туку се даваат подеднакво на сите, базирано на нивните автентични потенцијали и капацитети. Вакви шанси ни се потребни, на сите, секаде. Затоа и кога ќе дојде ваш ред, не заборавајте да ја дадете“, рече Битиќи за време на дебатата насловена „Еднаква, своја, успешна!“
Поголемо учество на жените во општествениот живот значи повеќе култура, компромиси и унапредување на се она што е добро и впечатливо, нагласи директорката на УЈП, Сања Лукаревска за време на настанот.
„Се бориме како жени, ние никогаш не сме се бореле за да владееме со животите на мажите. Нашата борба е многу поинаква, нашата борба е за нашите сопствени избори, бидејќи ние не претставуваме само еден суптилен, преубав детал во сликата на среќно семејство, не сме совршен детал во понудите за успешни станбени кредити, не сме совршен детал во рекламите за квалитетни средства за чистење по дома. Нашата приказна е многу поголема и заслужуваме многу повеќе“, рече Лукаревска за време на настанот кој се одржа на плоштадот „Кај јаворите“ во Дојран.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер ја раскажа својата успешна приказна и на тој начин упати охрабрувачки пораки за поголемо учество на младите луѓе во општествениот живот.
„Треба постојано да знаеме како да испраќаме пораки до младите, но многу поважно е да имаме време да слушаме и да разбереме што младите ни кажуваат нам. Со години наназад постојано се трудиме младите луѓе од земјата да бидат вклучени во што е можно поголем број на конференции кои ги организира ЕУ, меѓународната заедница, но и голем број на други организации кои ги поддржуваме во нивните активности. Ова е уште еден пример зошто комуникацијата и вклучувањето на младите игра важна улога бидејќи токму тие за 10 до 20 години ќе бидат тие оние ќе ги водат институциите и државите“, рече амбасадорот Бомгартнер во рамки на „Остави трага“ во Дојран.
Регионалната гостинка која е советничка во Владата на Словенија, Нева Грашиќ, се осврна на улогата на младите жени во референдумското движење против словенечкиот Закон за води во 2021 година
-Жените, особено младите жени, се вистински агенти на промени кои развиваат позитивни стратегии во рамките на нивните заедници и на позиции за одлучување. Подготвени сме општествено да се ангажираме, да ја градиме заедницата и на тој начин да оставиме белег во општеството. Важно е да постигнуваме пошироки општествени промени кои не се базираат на идеолошки или лични интереси. Мојата заложба е отворен и инклузивен, простор за ширење на прогресивни идеи, градење партнерства меѓу сите независно од пол, возраст или која било друга припадност“, посочи регионалната гостинка Грашиќ.
Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека оваа заедничка Програма на Европската Унија и Советот на Европа ќе продолжи со поддршката на вакви активности кои имаат за цел зајакнување и поддршка за еднаквост и различност, зајакнување на заедничката борба против дискриминацијата и говорот на омраза, како и дека меѓусебното почитување и еднаквост се најдобрата трага која можеме да ја оставиме во општеството.
За време на панел дискусијата се обратија и Василка Салевска Трајковска, менаџерка во компанија „Филип Морис“ и Бленди Ходаи, претседател на ФОП, Назли Чан, асистентка на ИБУ Универзитет.
Настанот го модерираше Огнен Јанески, а официјално го отвори групата „Шербет“.
За време на настанот беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши.
Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.
Серијата јавни настани „Остави трага – Дојди и раскажи ја твојата приказна“ се спроведува во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.