КОРИДОРОТ 8 ЗА БРИСЕЛ Е ВАЖЕН И ПОРАДИ КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ Кај нас се отвори сомнеж за спречување на инвестиции како „Иловица-Штука“

 КОРИДОРОТ 8 ЗА БРИСЕЛ Е ВАЖЕН И ПОРАДИ КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ Кај нас се отвори сомнеж за спречување на инвестиции како „Иловица-Штука“

Дел од критичните минерали по кои трага ЕУ, а со кои Македонија изобилува, е бакарот. Единствен напреден проект во моментов е инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, зад која стои мултинационалната компанија Трафигура.

Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата за критичните минерални суровини на Европската Унија, но Брисел гледа на регионот како на важен играч во синџирот на снабдување и поради геостратешката положба во поглед на транспортот. На Министерската конференција во Софија, посветена на Коридорот 8, еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека Бугарија, Македонија и Албанија имаат стратешка положба за развојот на клучни пан-европски инфраструктури, кои овозможуваат брз транспорт на стоки низ Европа – од Црното Море до Јадранското Море, па сè до Италија. Според неа, поврзувањата носат придобивки за сите долж трасата, што ќе биде значајно за економиите на државите.

– Европа на потежок начин научи дека прекумерната зависност нè прави ранливи. Видовме дека уцените во енергетиката, недостигот на критичните суровини или преголемото потпирање на мал број клучни трговски рути можат да ја ограничат нашата слобода на дејствување. Мораме да ги диверзифицираме нашите опции. Токму тоа и го правиме. Затоа работиме на мобилизирање на инвестиции од јавниот и приватниот сектор во вредност до 12 милијарди евра, со цел да ги подобриме патиштата, железниците и пристаништата, да изградиме капацитети и да ги намалиме доцнењата на границите – истакна Кос.

Еврокомесарката за проширување претходно во текот на неделава во Брисел го презентираше и планот на Европската комисија за побрзо интегрирање на земјите кандидатки, потенцирајќи дека идните членки можат да ја зајакнат одбранбената подготвеност на Унијата.

„Преку постоењето на ефикасни власти и почитувањето на заедничките правила, процесот на проширувањето може да го зајакне влијанието на политиките на Унијата во поголем обем. Поголемиот Единствен европски пазар, подобриот пристап до критичните суровини како што се ретките метали и подобрените индустриски капацитети создаваат можности за трговија, инвестиции и раст. Посилните енергетски, транспортни и дигитални мрежи ги намалуваат зависностите и ја зголемуваат безбедноста“, пишува во Планот.

Македонија како земја кандидат се очекува наскоро да го приспособи домашното законодавство во областа на рударството и геологијата со тоа на Унијата. Досега се усвоени Стратегија за минерални суровини 2026-2046 и Акциски план 2026-2030. Една од точките во Планот е изработка на Каталог на критични минерални суровини во Македонија.

„На Геолошкиот завод (ГЗМ) да му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија и индустријата за рециклирање (која е на многу ниско ниво на развој). Направената анализа треба да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали. Резултатите од таквата анализа би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на македонските метали и минерални ресурси, да покаже како Република Северна Македонија може да придонесе да се зголеми покриеноста на индустријата на Европа со користење на домашните минерални суровини, а истовремено и да ги зголеми можностите на Европа за извоз на критични метали и минерали, како и да се идентификуваат потенцијалните деловни можности за развој на нови бизниси“, пишува во Акцискиот план.

Дел од критичните минерали по кои трага ЕУ, а со кои Македонија изобилува, е бакарот. Единствен напреден проект во моментов е инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, зад која стои мултинационалната компанија Трафигура. Додека и во Акцискиот план кој го изготвија експерти од повеќе институции, меѓу кои и МАНУ, се повикува да се разгледаат деловните можности за нови бизниси во рударството, сепак дел од јавноста континуирано го критикува проектот во Иловица. Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов, во последната колумна, изрази сомнеж дека зад критиките стои „руска пропаганда“ со лажни вести. Според него, институциите треба да расчистат за тоа кој ги загрозува стратешките интереси на Македонија кои се на линија со оние на ЕУ, НАТО и САД.

„Кој сака да го спречи влегувањето на една фирма со промет од 245 милијарди евра годишно во последните 10 години, која работи низ целиот свет, каде се вклучени самопрогласени еко активисти кои не манипулираат, најбрутално лажат за процеси и дигнале паника кај населението, а за истите немаат елементарни познавања“, прашува Грозданов.

САД и ЕУ веќе одамна креираа Листа на критични минерални суровини, чија употреба е значајна во голем број индустрии, вклучително и во воената. ЕУ го впиша бакарот образложувајќи дека металот „се користи во сите електрични и електронски апликации, вклучувајќи технологии за обновлива енергија, дистрибутивни мрежи, електрични возила, електронски уреди, авиони и одбранбени технологии, а ЕУ е зависна од снабдувањето со бакар од трети земји, особено во фазата на екстракција“. Се предвидува дека побарувачката на ЕУ за бакар ќе се зголеми за повеќе од 50% до 2050 година.

(преземено од www.plusinfo.mk, линк од објавата:https://plusinfo.mk/koridorot-8-za-brisel-e-vazhen-i-poradi-kritichnite-minerali-kaj-nas-se-otvori-somnezh-za-sprechuva-e-na-investicii-kako-ilovica-shtuka/,)

Share via
Copy link