fbpx

Костадинов и Бочварски на увид на градежните работи на инфраструктурни проекти

 Костадинов и Бочварски на увид на градежните работи на инфраструктурни проекти

Градоначалникот Костадин Костадинов денеска беше домаќин на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. По кусиот разговор во кабинетот на тема подобрување на инфраструктурата во Општината, тие посетија неколку локации со завршени и започнати проекти кои се резултат на успешната взаемна соработка.

Еден од нив е новиот булевар „Братство Единство“ кој е во завршна фаза и пред официјално пуштање во употреба.

-Ова е огромно изборно ветување од локалните избори, а заокружено благодарение на многу силната соработка со министерството за транспорт и врски, предводено од министерот Благој Бочварски. Реализирањата на барањата и потребите на граѓаните и решавањето на предизвиците со коишто се соочувате, практично е невозможно доколку ја нема таа симбиоза којашто денеска ја гледаме и на која сме сведоци. „Братство Единство“ само по себе значи ново грло во Струмица, растеретување на сообраќајниот метеж кај Кванташки пазар за што имаме бројни реакции и тоа сосема оправдани од граѓанките и граѓаните на општина Струмица заедно со населените места, многу подобра комуникација со Просениково и со другите населени места во рамките на општините Василево и Босилово, развој на една од според мене најзначајните индустриски зони, овде околу Агроберзата каде што имаме преку 30 милиони евра инвестиции од домашни и странски компании и потенцијална можност за нови. Сведоци сме дека веќе со реализацијата на булеварот имаме градби од неколку милиони евра, оптимист сум дека ќе продолжат таквите инвестиции, а дополнително се обезбедува подобра инфраструктура за огромните капитални проекти, како што е новиот градски пазар за кој сме во завршни разговори околу објавувањето на тендерската постапка, за кој е обезбеден буџетот благодарение на одлуките донесени од Советот на општина Струмица и да заокружам со уште еден голем проект којшто го имплементираме заедно со министерството за земјоделие, а тоа е регионалниот откупен центар за кој е многу веројатно локацијата да биде избрана токму во оваа индустриска зона, рече градоначалникот Костадинов.

Градоначалникот Костадинов и министерот Бочварски го посетија и населеното место Градско Балдовци каде што на барање на жителите се изведува атмосферска и фекална канализација на која досега се реализирани 70 проценти од градежните активности.

Градоначалникот Костадинов најави и изведба на атмосферска канализација во населеното место Муртино и реализација на уште еден голем капитален проект ветен на локалните избори, а тоа е улицата „23 Октомври“ која ќе го поврзе едниот со другиот крај на градот долж новата зона кај Касарната во којашто живеат и функционираат неколку илјади граѓани со што ќе се растерети сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.

Share via
Copy link