Лани имало најмалку жртви во сообраќајот во последните 15 години
-Министерството за внатрешни работи, а со тоа и Секторот за внатрешни работи Струмица, во чија надлежност се СВР Струмица и Одделенија за внатрешни работи Радовиш, Гевгелија и Валандово безбедноста на учесниците во сообраќајот ја третира како приоритетен сегмент во работењето, истакна во денешната изјава за медиумите портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.
Во продолжение на изјавата Трајанова рече:
-Како резултат на ваквото работење и преземањето на активностите 2021 година беше прогласена за година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а ова беше случај и на подрачје на СВР Струмица.
Имено, во 2021 година бележиме намалување бројот на жртви во сообракајот за 50% споредбено со претходната година, односно за разлика од 2020 година кога на подрачје на овој сектор имало 16 жртви при случени сообраќајни незгоди, во 2021 година овој број изнесуваше 8, што претставува двојно намалување. Посебно би го нагласила фактот дека во 2021 година на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Радовиш нема ниту една жртва при случени сообраќајни незгоди.
Позитивниот тренд во врска со бројот на жртви во сообраќајни незгоди го задржуваме и годинава, односно во првото тромесечје од 2022 година на подрачјето на секторот има 3 жртви,исто како и 2021 година, а во месец Март 2022 година нема ниту една жртва при случена несреќа, за разлика од Март минатата година кога имавме 2 жртви.
Секторот за внатрешни работи упатува благодарност до граѓаните и сите учесници во сообраќајот кои со своето однесување даваат придонес за поголема безбедност, која е во интерес на сите. Тоа е наша заедничка одговорност и сите заеднички мораме да го подигнеме нивото на сообраќајна култура, а како министерство тоа го правиме секојдневно, како преку превентивните, така и преку репресивните мерки спрема прекршителите на сообраќајните правила и прописи. Токму во текот на вчерашниот ден на подрачје на секторот се санкционирани 88 учесници во сообраќајот, кои сториле 91 прекршоци, рече на крајот Трајанова.