fbpx

Министерката Царовска и градоначалникот Јаневски во посета на средни училишта во Струмица

 Министерката Царовска и градоначалникот Јаневски во посета на средни училишта во Струмица

-Во поголем дел од струките кои ги нудат средните училишта „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“ во Струмица за прв пат се воведува концептот на дуално образование, кој сам по себе е доста интересен за младите, бидејќи обезбедува повеќе практична обука наместо изучување теорија и кој ние го поддржуваме со доделување на стипендии од 3500 денари месечно за секој ученик.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која денес беше во посета на двете стручни училишта во оваа општина за време на отворените средби со идните средношколци на кои тие се запознаваа со придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование, а во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“. 

„Тука едукацијата не е чисто формална. Учениците навистина го добиваат потребното знаење и подготвени влегуваат во работните и организациски структури на компаниите кои немаат дополнителни трошоци за нивна обука“, рече Царовска информирајќи дека согласно конкурсот за упис во средно образование во учебната 2021-2022 година, во двете струмички средни стручни школи предвидени се вкупно 898 слободни места во 10 струки: земјоделско – ветеринарна, хемиско – технолошка, здравствена струка, угостителско – туристичка, машинска, текстилно кожарска, електротехничка, сообраќајна, градежно – геодетска и шумарско – дрвопреработувачка струка.

„Изразувам благодарност до компаниите кои се вклучија во проширувањето и реализацијата на концептот на дуално образование, со што покажаа не само интерес за остварување на корпоративните цели, туку покажуваат и општествена одговорност и посветеност кон тоа да се остварат заложбите на државата за намалување на младинската невработеност“, рече Царовска. 

Министерката нагласи дека унапредувањето на квалитетот на средното стручно образование и подигнување на неговата атрактивност меѓу младите е дел од  поширока стратегија за забрзување на севкупниот економски напредок на државата.

„Од една страна, благодарение на исправните политики за привлекување на странски директни инвестиции и за поддршка на домашните компании постојано се отвораат нови работни места кои најчесто се за лица со стручна подготовка, а од друга страна мораме да продуцираме доволно кадар за да ги пополниме тие работни места. И како што гледате, интензивно работиме на тоа“, рече Царовска, нагласувајќи дека изборот на стручно образование нуди перспектива и затоа младите треба добро да размислат пред да донесат одлука каде ќе се запишат во средно училиште.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски во своето обраќање истакна дека Општината како одговорна за нејзиниот економски развој ја целосно ја поддржува кампањата „Учи паметно, работи стручно“.

Share via
Copy link