fbpx

Младите волонтери на Црвен крст дел од кампањата на МВР „Не користи петарди и пиротехнички средства“

 Младите волонтери на Црвен крст дел од кампањата на МВР „Не користи петарди и пиротехнички средства“

Младите волонтери на Општинската организација на Црвен крст Струмица денес беа дел од кампањата на МВР „Не користи петарди и пиротехнички средства“. Во просториите на организацијата предавање на оваа тема одржа полицискиот службеник Борче Грозданов, а младите волонтери, поделени во две групи, со голем интерес и со многу прашања го проследија предавањето.

Предавачот Грозданов преку видео проекција и слајдови им презентираше за последиците од употребата на петарди, зошто не треба да се користат и да се купуваат нелегално и дека празнувањето може да се одбележува  на безбеден начин.

Притоа беше објаснето дека МВР презема и  репресивни  мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други  пиротехнички средства,а со законските одредби е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.

Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;

Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.

Денешната превентивна активност насловена како „Последици од употреба на петарди и други пиротехнички средства“ се реализираше на барање на Клубот на млади при ОО на Црвениот крст Струмица, а ја спроведе Отсекот за превенција при СВР Струмица во рамки на кампањата на МВР „Не користи петарди и пиротехнички средства“!

Share via
Copy link