fbpx

Наградите „Ацо Караманов“ за италијанската поетеса Пичино и поетот Петрески

 Наградите „Ацо Караманов“ за италијанската поетеса Пичино и поетот Петрески

По предлог на селекторот за оваа награда – познатиот македонски поет Борче Панов, Советот на „Караманови средби на поезијата“ помеѓу триесетината автори од цел свет коишто ќе бидат застапени во Зборникот на 48 „Карамановите средби на поезијата“ кои оваа година бележат 54 години од своето постоење, одлучи Интернационалната награда „АЦО КАРАМАНОВ“ за исклучително поетско творештво за 2021 година да ја добие италијанската поетеса Клаудија Пичино.

Изборот од поезијата на Кладија Пичино ќе биде објавен на македонски јазик во наградената книга со наслов „ОТВОР ОД СВЕТЛИНА ВО КАТЕДРАЛАТА“ во препев на Даниела Андоновска-Трајковска и Борче Панов.

-Оваа поезија е сублимат на една човечка димензија во која радоста и тагата, мирот и немирот се како интерференција на звучната виљушка на двесет и првиот век во кој сѐ повеќе го губиме човекот и тонеме во глувоста на отуѓувањето во сите правци на падот на една планетарна цивилизација. Поезијата на Клаудија Пичино не се плаши да нѐ соочи со нашите стравови, напротив таа нѐ повикува да ги прифатиме и надминеме нашите промашувања, да застанеме зад штитот на нашата чистота како хумани битија, да си ја вратиме смелоста, повторно да го почувствуваме вкусот на адреналинот, да бидеме живи, дури и со храброста на гневот и како такви да го поврземе лакот на нашето човекување  со вознесот на нашата суштина на небото, нагласува селекторот Панов во образложението за наградата.

Клаудија Пичино (Claudia Piccinno) е наставничка, поетеса и преведувачка. Родена е во Јужна Италија, но живее и работи во северниот дел од Италија. Објавена е во над 100 антологии, а е и поранешен член на жири комисии за доделување значајни национални и интернационални книжевни  награди

Жири комисијата за избор на најдобра необјавена поетска книга од македонски автори што пишуваат на македонски јазик по конкурост на 48 Караманови поетски средби во состав: Борче Панов, проф. Д-р Даниела Андоновска Трајковска и Јовица Илиќ, со едногласна одлука за најдобар ракопис го избраа ракописот под наслов ПЕРГАМЕНТ од Христо Петрески.

На анонимниот конкурс за наградата „Караманов 2021“ оваа година се јавија 40 поети со 40 необјавени поетски ракописи Од сите нив се изделија два ракописи: „Пергамент„ од Христо Петрески ( под шифра Елеватор) и „Зборови од хартија„ од Милчо Мисоски (под шифра Луна). На крајот, жирито се одлучи за ракописот Пергамент од Христо Петрески во која Петрески прави еден возбудлив мост што се извива од пракарпите на старото семе при што не се знае точно кој нè засеал и засадил, или пресадил, но тој точно го утврдува растежот и родот низ вековите и токму во зборот на нашите поетски великани Блаже Конески, Анте Поповски и Гане Тодоровски ја наоѓа поткрепата дека ќе раснеме и преку небиднината.

Караманови средби“ ќе се одржат по 54 пат во периодот од 16 до 19 идниот месец. Покрај другите програмски содржини ќе бидат објавени книгите на годинашните добитници на наградата, Зборник на средбите во кои ќе бидат застапени песни од дваесетина македонски автори и триесетина поети од странство, како и книга со поезија од деца.

Лани наградата ја добија виетнамски поет Мај Ван Фан и еминентниот  арапски поет Раед Анис Ал-Јиши од Саудиска Арабија

Share via
Copy link