Нема зголемено отсуство на деца од градинката по вчерашниот случај на Ковид-19
Само 20 отсто од вкупниот број на деца, кои се згрижени во клоновите на градинката „Детска радост“ од Струмица, денес не биле донесени во градинка, откако вчера беше регистриран првиот случај на заразено петгодишно дете со Ковид-19.
Директорот Васил Бубев смета дека отсуството многу малку е предизвикано од вчерашниот случај и дека градинката продолжува да работи според утврдените протоколи и прописи.
-По сите анализи дојдовме до заклучок дека во периодот на почеток на градинката, како и секоја година кога се почнува, ова е период на прилагодување на самите дечиња и јас мислам дека родителите ги имаат задржано децата дома токму од таа причина дека е период на прилагодување и веројатно, еве, следува викенд, па нашле начин да им бидат децата дома, рече Бубев.
Инаку, по вчерашниот случај 11 деца и тројца вработени се во изолација, но Бубев потенцираше дека детето не е заразено во градинката, туку од член на семејството и од почетокот на оваа недела не доаѓало во градинка.