Општина Струмица го одбележа 9 Мај-Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

 Општина Струмица го одбележа 9 Мај-Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Општина Струмица денеска со пригодна свеченост, којашто се одржа пред Споменикот на паднатите борци од НОАВМ во малиот градски парк, го одбележа 9.Мај – Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа.

За значењето на овој ден зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото рече:

-Го одбележуваме денот кога ја славиме симбиозата помеѓу мирот и обединувањето. Истата ја чувствуваме како слободни граѓани, сеќавајќи ги хероите во минатото, поклонувајќи се на сите подвизи и чинења со кои е создаден народот познат како „пиреј“, народ кој слободата не ја остава случајно на иднината и народ кој достоинствено се бори за сите права и привилегии, преку сопствените одговорности и аспирации. Денешниот ден, 9 Мај е кулминација над фашизмот и претставува фундамент на кои беа поставени темелите на денешната Европска Унија.Споменот на овие факти треба да претставува уште посилен поттик за поголеми заложби на секој поединец, за да се оствари и нашиот европски сон. Секој чинител во ова општество е одговорен за негово реализирање. Но, најголемата одговорност е кај политичарите кои крајно време е, сите, без исклучок, да се издигнат над ситнопартиските интереси во интерес на државата и нејзината европска иднина којашто толку долго ја посакуваме. Патот кон Европа е отворен само доколку бидеме исклучително исполнителни во нашата улога на достоинствени и чесни граѓани. Нека ни е честит и вековит 9. мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, истакна Костадинов.

По полагањето на цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОАВМ, во чест на празникот настапија и рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.

Share via
Copy link