fbpx

Предадена во употреба спортската сала при ООУ „Никола Вапцаров“

 Предадена во употреба спортската сала при ООУ „Никола Вапцаров“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за образование и наука, Мила Царовска и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски денеска ја предадоа во употреба новата мултифункционална спортска сала во Основното општинско училиште „Никола Вапцаров“.

Во обраќањето премиерот Заев истакна дека за неполни девет месеци во услови на пандемија со Ковид-19 е завршена изградбата на спортската сала во училиштето која учениците, наставниците и родителите ја чекале со децении.  

-Поминаа времињата кога наставата по физичко се одржуваше во училниците или на отворено кога тоа го дозволуваа условите.  Новата сала со површина од 1.300 метри квадратни е комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини, еден современ простор за изведување на настава по физичко, за правилен развој на децата и за поттикнување на спортски интереси, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.

Градоначалникот Јаневски подвлече дека учениците од ова училиште, во салата изградена по најсовремени стандарди на површина од 1.300 метри квадратни, ќе имаат квалитетна настава по физичко и здравствено образование.

-Со ова капитална инвестиција покажуваме и докажуваме дека Струмица со поддршка од Владата, навистина е грижлив град, кој се грижи за сите свои граѓани и секако за најмладите на кои им овозможуваме нови спортски објекти за правилен физички развој и создавање навики за здрав живот.Нека ни е за многу години новата спортска сала и се надевам, но и посакувам токму тука да се појават нови спортски таленти како фудбалерот Горан Пандев, кошаркарот Влатко Илиевски, одбојкарите-браќата Ѓоргиеви, атлетичарот и олимпиец Ване Стојанов и многу нови спортисти кои потекнуваат од нашата Струмица и ќе ја промовираат Општината низ целиот свет, рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Share via
Copy link