„СФЕСТ“ ќе се одржи од 24 до 26 јули во Струмица

 „СФЕСТ“ ќе се одржи од 24 до 26 јули во Струмица

интегрално излагање од прес конференцијата на Елена Запрова и Димитар Чоревски од Организацискиот тим на Фестивалот

На само 15 дена пред почетокот на второто издание на СФЕСТ, со големо задоволство можеме да кажеме дека  Фестивалот продолжува да расте и да се развива во културен настан кој сигурно  го зазема своето место на мапата на летните фестивали во Македонија.

Најнапред, сакаме искрено да ѝ се заблагодариме на Општина Струмица и на градоначалникот Петар Јанков за поддршката, довербата и препознавањето на потенцијалот на СФЕСТ. Нивната поддршка е значајна потврда дека фестивалот има вредност и иднина.

Со особена чест денес ја споделуваме и најважната вест – Општина Струмица официјално го препозна СФЕСТ како значајно летно културно случување во градот и стана главен покровител на фестивалот.

Токму затоа, заеднички донесовме одлука годинава влезот на фестивалот да биде целосно бесплатен за сите посетители.

На сите кои веќе купиле билети, средствата ќе им бидат автоматски рефундирани преку MKTickets.

СФЕСТ не е само уште еден музички фестивал. Тоа е идеја, визија и проект во кој вложуваме огромна енергија, ентузијазам и посветеност.

Нашето мото – „Култура на звук, свест на генерација“ – не е само слоган, туку определба да создадеме современ културен простор кој ги обединува музиката, уметноста, младите и позитивната енергија.

Веруваме дека Струмица заслужува фестивал организиран по современи европски стандарди и токму тоа е нашата цел.

Од 24 до 26 јули, Градскиот парк Струмица  ќе биде местото каде што ќе се сретнат музиката, креативноста и добрата атмосфера. 

Секој ден програмата започнува во 18 часот, а Струмица ќе биде домаќин на посетители од целата држава.

Минатата година фестивалот го посетија околу две илјади луѓе. Тоа беше јасен доказ дека Струмица има публика која сака вакви настани. Требаше само да ѝ понудиме простор и квалитетна содржина.

Оваа година правиме значителен исчекор – три фестивалски сцени, повеќе од 30 изведувачи и три дена исполнети со музика, уметност и содржини за сите генерации.

До тука јас Ви благодарам а,  за  претставувањето на  деталната програма, сцените и изведувачите, зборот му го препуштам на мојот колега.

Димитар повели,

Ви благодарам.  

Добар ден  и од мене, 

Како што веќе беше најавено, второто издание на СФЕСТ носи досега најбогата и најразновидна фестивалска програма.

Фестивалот ќе се одвива на три различни сцени, со внимателно креирана програма за различни музички вкусови и генерации.

На главната сцена – Main Stage – ќе настапат едни од најпознатите домашни музички имиња: Нокаут, кои оваа година одбележуваат 30 години постоење, Дупер, Агеа, Суперхикс, Daktili, Дивизија, You2You, како и Duka & Пријателите, и уште многу други.

Посебно сме горди што дел од програмата ќе биде и концертот на учениците од Општинско основно музичко училиште „Боро Џони“, на кои им даваме можност својот талент да го претстават пред фестивалската публика.

Втората сцена – Cosmic Stage – годинава дополнително ја зацврстува својата препознатливост како простор за електронска музика со меѓународен карактер.

Покрај домашните диџеи,Циге, Базел, Митрик, ќе настапат и интернационални гости: Emi Galvan од Аргентина, Tebra од Србија, Loret од Италија, и многу други.

Во недела, Cosmic Stage ќе добие поинаков музички концепт и ќе биде посветена на хип-хоп звукот со настапот на Sureshotz.

Третата сцена, „Дај шанса“, е нашата инвестиција во иднината. Таа е наменета за млади и талентирани локални артисти, на кои им овозможуваме да настапат на професионална фестивалска сцена и да се претстават пред поширока публика.

Но СФЕСТ не е само музика.

Во рамките на фестивалот ќе биде поставена Базар-зона со 40 локални креативци, како и посебна Фуд-зона, во која посетителите ќе можат да уживаат во понудата на локални производители и специјалитетите на Yoyo’s.

Во соработка со ФОН Универзитет,( American University of Europe – FON – Skopje) ќе биде организирана и изложба на дела од студенти и млади уметници, со што дополнително ја збогатуваме културната димензија на фестивалот.

Иако фестивалскиот простор ќе биде ограден заради безбедност, контрола на посетителите и подобра организација, уште еднаш потенцираме дека влезот ќе биде бесплатен за сите.

Во рамките на фестивалот ќе има поставени зони за селекција на отпад, обезбедени во соработка со Јавно Претприатие „Комуналец“ – Струмица, како и зона за рециклирање, реализирана заедно со Црвен крст – Струмица.

На крајот, сакаме искрено да им се заблагодариме на сите кои уште од самиот почеток веруваа во СФЕСТ, купија билети и ни ја дадоа својата доверба. Посебна благодарност упатуваме до Општина Струмица за поддршката што овозможи фестивалот да биде достапен за сите граѓани.

Според интересот што веќе го бележиме, како и реакциите на јавноста, очекуваме рекордна посетеност и три незаборавни фестивалски вечери.

Ве покануваме сите да бидете дел од второто издание на СФЕСТ.

Се гледаме од 24 до 26 јули во Градскиот парк во Струмица.

Share via
Copy link