fbpx

Сојуз на средношколци:Проблемот со бесплатниот превоз на ученици во Општината Конче е решен

 Сојуз на средношколци:Проблемот со бесплатниот превоз на ученици во Општината Конче е решен

Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија со задоволство ја информира јавноста дека од вчерашниот ден, 16.03.2022 година (среда) 66-те ученици кои живеаат во Конче а учат во СОУ Коста Сусинов имаат бесплатен превоз до нивното училиште.

Воедно ја поздравуваме изјавата на градоначалникот на Општина Конче Златко Ристов дека доколку училиштето и МОН не си ја исполнат законската должност, тогаш Советот на Општина Конче би набавил комбиња. Нотираме дека Општината Конче не е законски обврзана да организира бесплатен превоз бидејќи во нејзината територија нема средно училиште.

Токму затоа јавно му се заблагодаруваме на градоначалникот Ристов за неговата помош и соработка во целиот овој процес, имајќи предвид дека соработката произлегла од желба да се зачува интересот на учениците, а не од законска обврска.

Ние ги потсетивме институциите на нивната законска и уставна обврска. Проблемот е решен: средношколците повторно имаат превоз. Сепак Сојузот е свесен дека вакви проблеми се јавуваат низ целата територија на нашата земја.

Ова уште еднаш покажува дека гласот на средношколците не може да биде запрен. Артикулиран преку Сојузот, ставот и интересот на средношколците секогаш ќе биде заштитен. Како резултат, институциите го решаваат проблемот штом средношколците гласно проговарат за своите проблеми.

Потребно е долгорочно решение. Најавуваме дека моментално Сојузот работи на подготовка на ново решение за превозот на ученици со цел истиот да биде праведен, универзален за сите средношколци и поефикасен. Нашиот предлог ќе се однесува на целата земја, а на јавноста благовремено ќе ѝ биде достапен.

Share via
Copy link