Соопштение на СДСМ Струмица: Општината има пари, но се трошат на партиски вработувања

Во продолжение на вчерашната реакција, ОО СДСМ Струмица ги демантира лажните аргументи на Општина Струмица со конкретни факти од нивниот сопствен Буџет и ребаланс за 2026 година.
Буџетот јасно покажува кои се приоритетите, а секако тоа не се граѓаните.
Во Буџетот за 2026 година, од сопствената сметка на Општината се предвидени вкупно 18.636.000 денари за приватни агенции за вработување.
Од овој износ:• 6.636.000 денари се наменети за нови ангажирања во општината, при што дури 3.000.000 денари се дополнително зголемени со последниот ребаланс;• 12.000.000 денари се предвидени за ангажмани во градинките, средства кои требало да бидат обезбедени од Министерството за финансии, но поради неспособност и лошо менаџирање ќе се покриваат од буџетот на Општината.
Ова значи дека пари има, но истите ќе се трошат на партиски вработувања.
Додека не се исплаќаат законските обврски кон лицата кои работеа на изборите, истата таа општина планира нови вработувања и троши милиони за ангажмани преку приватни агенции.
Обидите за манипулација со јавноста паѓаат во вода пред сопствените бројки од Буџетот.
ОО СДСМ Струмица ќе продолжи да ја информира јавноста и да бара одговорност за ваквото неодговорно управување.