fbpx

Влада: Изменети и дополнети мерките за организирање спортски натпревари и други настани

 Влада: Изменети и дополнети мерките за организирање спортски натпревари и други настани

На денешната 101-ва седница, Владата на Република Северна Македонија донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19 според кои се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30% од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 % од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД-19 документи.

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
– Медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

Владата денеска ги усвои и Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта, во учебната 2021/2022 година, како и протоколите за постапување на средните и на основните училишта во Република Северна Mакедонија, за реализација на воспитно-образовниот процес, со физичко присуство на учениците, во учебната 2021/2022 година.

Share via
Copy link