„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Во основните училишта во Струмица запишани се 451 ученици, се очекува овој месец да се запишат уште 100
Денеска на првиот ден од новата учебна година, најрадосни беа првачињата коишто за прв пат седнаа во училишните клупи. Според информациите од Одделението за образование вкупно во прво одделение во општинските основни училишта запишани се 451 ученици, а во текот на овој месец се очекува да се запишат уште 100 првачиња.
Според истражувањето на порталот Независен, а објавено денеска, единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 проценти во последните години.
По приемот во училиштата, првачињата ја гледаа детската претстава „Царевата нова облека“ во Центарот за култура „Антон Панов“ на којашто присуствуваше и ги поздрави градоначалникот Костадин Костадин посакувајќи им многу успех и среќа во започнатото основно образование.
Вкупниот број на ученици во основните училишта изнесува 4.941 ученик.
Вкупниот број на запишани ученици во прва година во двете средни општински училишта е 417, а вкупниот број на ученици од прва до четврта година е 1.504.
Во новата учебна година СОУ „Јане Сандански” започнува со работа во една смена.
Општина Струмица е насочена кон континуирано создавање на услови за поефикасна реализација на воспитно-образовниот процес во училиштата. За таа цел, а во пресрет на почетокот на новата учебна година од општинскиот буџет набавени се 10 интерактивни табли и проектори за општинските основни училишта, со цел осовременување на наставата и 6 инвертер клима уреди во подрачното училиште во селото Костурино.
Ангажирани се 13 лични асистенти за учениците со попреченост во основните општински училишта преку општинскиот буџет и 4 лични и 1 образовен асистент за учениците со попреченост во средните општински училишта, финансиски поддржани од општинскиот буџет и од УНДП.
Исплатена е и еднократна парична помош во износ од 2.000 денари за 139 првачиња за кои имаше поднесено барања, а во новата учебна година ќе бидат доделени и стипендии за талентирани ученици и финансиска поддршка за деца со надмината возраст кои се надвор од образовниот систем.
Во текот на летниот период, во општинските основни и средни училишта беа реализирани повеќе активности за подобрување на условите за поефикасно одвивање на воспитно-образовниот процес во училиштата, како белење и чистење на училишните објекти, чистење и хортикултурно уредување на дворните површини, реновирање на училишните тоалети, набавка на нагледни средства и асистивна технологија.