fbpx

Во Струмица одбележан 9. Мај-Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа

 Во Струмица одбележан 9. Мај-Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа

Со пригодна свеченост којашто се одржа пред Споменикот на паднатите борци од НОАВМ во малиот градски парк, денеска беше одбележан 9 Мај Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа.

За нивното значење зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото рече:

-Поминуваат безмалку 32 години од македонската самостојност: Исто толку години го сонуваме европскиот сон со тенденции да станеме дел од големото европско семејство. По нашето полноправно членство во НАТО Алијансата, Северна Македонија никогаш не била толку блиску до остварувањето на долгугодишниот сон, како земја-кандидат за членство во Унијата од декември 2005 година. За добивање датум за почеток на преговори со ЕУ , повторно сме исправени пред предизвикот од недоследно наметнување на непотребни бариери , овојпат од нашиот источен сосед – Бугарија. Но тоа не треба и не смее да не поколеба, да скренеме од коловозот кој води до нашата посакувана цел. Напротив. По ниедно друго прашање во оваа наша земја, немало толку јасен и недвосмислен консензус, како што е прашањето за нашето евроинтегрирање. Зарем треба да си дозволиме таков „луксуз“ да ги фрлиме во заборав нашите долгогодишни заложби на тој план, и да влеземе во авантура која ќе не води кон пат во непознатото, односно да кинисаме кон ќорсокак од кој нема враќање. Нам ни останува да бидеме мудри и на крилјата на мудроста да го оствариме нашиот стремеж, а притоа да ги задржиме белезите на нашата посебност. Убеден сум дека тоа ќе се случи, на наше заедничко задоволство. Нека ни е вековит споменот на двата настана кои ги одбележуваме денес. Нека ни е за многу години Денот на Европа, денот на нашиот заеднички дом рече Костадинов.

Рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ во чест на двата празника рецитираа револуционерна поезија.

Share via
Copy link