Претреси на подрачје на СВР Струмица, пронајдена дрога, приведени дилери
Во Струмица одбележана 21-годишнината од трагичната смрт на претседателот Трајковски
Пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк подигнат во негова чест, денеска општина Струмица со пригодна свеченост ја одбележа 21-годишнина од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.
За животот и делото на Трајковски зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото рече:
-Како втор претседател на Република Македонија, Борис Трајковски знаеше да биде на висина на својата одговорна функција, дури и во најтурбулентното време кое го одбележа воениот конфликт во 2001 година. И тогаш, и во сите негови заложби за остварување на своите визии за доброто на татковината, како на внатрешен, така и на надворешен план, не се штедеше да стаса до секое населено место во Македонија, но и до секоја земја низ светските меридијани за да оствари значајни средби со врвни и влијателни државници, од кои бараше наклонетост кон нашата држава. Секогаш се трудеше да остави свој белег со неговото претседателствување, да биде скромен и ненаметлив, а сепак неприкосновен во носењето на мудри и навремени одлуки. Беше секогаш верен на своето позитивно размислување и на ставовите кои го правеа свој и единствен. Кога се ќе се собере на едно место, тогаш е повеќе од неопходно да се заклучи и истакне дека Претседателот Трајковски беше до самиот крај на неговиот живот: извонреден човек и државник,каков што само може да се посака. Спомнувањето на сите негови вредности како човекољубец и како претседател на сите граѓани на Република Македонија, не би било комплетно доколку не се истакне дека неговиот лик го красеше и големата љубов кон Бога, како пасиониран верник на Евангелско – методистичката црква. Тоа богољубие беше огледало на сите неговите човечки и државнички особености, истакна Костадинов.
Почитувајќи го ликот и делото на Трајковски, свежо цвеќе пред неговиот споменик положија градоначалникот Костадинов и членови на Советот на општина Струмица, членови на неговото семејство, претставници на политички партии, јавни институции здруженија и граѓани.