Во Струмица одбележани 123 години од смртта на Гоце Делчев

 Во Струмица одбележани 123 години од смртта на Гоце Делчев

Градоначалникот Петар Јанков и општина Струмица, денеска се поклонија пред минатото и потсетија на една идеја што не умира. Идејата за слободна, достоинствена и своја Македонија, идеја на македонскиот револуционер и великан, Гоце Делчев.

Пред неговиот споменик, на плоштадот којшто со гордост го носи неговото име, се одржа пригодна свеченост по повод 123 години од неговата смрт.

За животот и делото на Делчев, зборуваше градоначалникот Петар Јанков.

-Гоце Делчев не беше само револуционер. Тој беше учител, визионер и градител на национална свест. Во времиња кога македонскиот народ бил негиран, притискан и разединуван, Гоце ја разбуди мислата дека овој народ има свое име, свој дух и свое право на слобода. Тој знаеше дека народ без свест е лесно поробен,а народ со свест – непобедлив. Затоа денес, кога зборуваме за македонската нација, треба да зборуваме јасно и достоинствено, дека нашето постоење не започнува со ничија дозвола, ниту зависи од ничие признавање. Македонскиот народ постои преку својата историја, својот јазик, својата култура, својата борба и својата жртва, рече градоначалникот Јанков.Зборувајќи за предизвиците и отворените прашања со коишто се соочува нашата држава, градоначалникот Јанков упати неколку пораки.-Најсилниот одговор што можеме да го дадеме е силна Македонија: со образовано младо поколение, со развиени и модерни општини, со економија што задржува народ дома, со институции што ја штитат вистината, и со народ што верува во себе. Тоа е современиот аманет на Гоце Делчев. Да го чуваме. Да го живееме. Да го пренесеме на генерациите што доаѓаат, додаде градоначалникот Јанков.

Како човек и градоначалник, кој ги почитува историските вредности и луѓето кои оставиле силен печат во нив, тој положи свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, а ваква почит на Гоце му оддадоа и претставници на државни и општински институции, политички партии, општинскиот одбор на Сојузот на борците и нивните поддржувачи и здруженија на граѓани.

Во чест на Делчев, револуционерна поезија рецитираа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.

Share via
Copy link