„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Ковачевски: Со браната „Конско“ обезбедуваме одржливо земјоделство за зголемено домашно производство на храна
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска ја посетија новата браната „Конско“, којашто е во фаза на изградба. Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини.
„Особено ми е драго што овде на овој капитален објект кој е од огромно значење за југоисточниот регион гледаме дека работите се одвиваат според предвидената динамика и веќе над 80 отсто од изградбата е завршена. Се работи за најголем инфраструктурен проект, каков што немало во изминативе 50 години. Оваа акумулација се очекува позитивно да влијае на регионалниот развој од повеќе аспекти како што се: обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини, развој на риболовство и на туризмот“, изјави премиерот Ковачевски.
Владата ги продолжува инвестициите во инфраструктурни капитални објекти, а со изградбата на браната „Конско“ се става силен фокус на земјоделството, како еден од двигателите на македонската економија.
„Во овие кризни времиња освен со интервентни субвенции земјоделците ги помагаме и со вложувања во капитални инвестиции, кои се со трајни вредности и со кои на долг рок овозможуваме одржливо, но и конкурентно земјоделско производство“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека браната, заедно со останатите инвестиции во водостопанството, како што е и изградбата на системите за наводнување се дел од Националниот план за производство на храна.
„Националниот план за производство на храна, што за прв пат го донесе оваа Влада, на среден и долг рок ќе значи зголемено производство на домашна храна и увозна независност. Со поволни услови и државна помош се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури, да се искористат ресурсите, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети. Дополнително, заради зголемување на производството на стратешките земјоделски култури, особено на пченицата и пченката, дополнителни 6.000 хектари државно земјиште е подготвено да биде поделено на земјоделците, коишто ќе добијат и заради зголеменото производство и зголемени субвенции“, подвлече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека денешниот ден е голем ден затоа што денеска се одбележува смртта на нашиот најголем македонски основач, водач на нашата македонско револуционерна борба.
„Денес го одбележуваме денот на Гоце Делчев и нема подобар пример за негово славење како на нашата генерација, на генерациите пред нас, на генерациите после нас да бидеме на едно место собрани тука претставници како на консултантска куќа на Германија кои имаат вработени и од Германија и Холандија, претставници на компанија изведувач кои што имаат вработени од целиот Балкан, претставници на наши инженери, на наши вработени од сите градови во државата, претставници на сите заедници кои живеат во државата затоа што Гоце Делчев се бореше и поколенијата после него за независна македонска држава која што држава ќе биде просперитетна, која ќе биде економски развиена, држава која ја направивме членка на НАТО, држава која е на чекор до членство во ЕУ. Држава која заедно со своите граѓани, со сите наши стратешки партнери, заедно со сите наши соседи ќе претставува место коешто ќе биде место за развој на демократијата, на социјална правда и место за економски просперитет на сите граѓани“, рече премиерот Ковачевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски истакна дека вкупната инвестиција во браната „Конско“, изнесува 40 милиони евра, средства обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Програмата за рурален развој, посочувајќи дека и во „Националниот план за производство на храна“, еден од столбовите се инвестициите во системи за наводнување.
„Навременото и редовно наводнување на земјоделски површини коешто ќе се овозможи со оваа брана е клучен предуслов за квалитетно производство. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и им ги зголемуваше производствените трошоци. Со браната ја обезбедуваме потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство“, рече Николовски.
Премиерот Ковачевски и министерот Николовски упатија честитки до изведувачите, компанијата „Серка Тааххут Иншаат – Акели“, од Турција, за досегашната успешна реализација.